Во моите дела е опфатен целокупниот процес на живеењето, опстојувањето, приказна проткаена во самите дела, а тоа е уочливо и преку насловите. Поаѓајќи од „Создавањето“, „Раѓањето“, „Поврзувањето“, па и „Премостувањето“ на одредени животни препреки, „Островот на среќата“ го носиме секогаш во нас, само треба да го препознаеме, да го негуваме и да се трудиме да го сочуваме. Мојот остров на среќата е моето семејство, љубовта, пријателите, емоцијата, истрајноста и вербата, вели уметничката Мариела Мицевска-Аџигогова
Изложбата на слики и цртежи на Мариела Мицевска-Аџигогова, магистер по ликовни уметности од областа на графиката, минатата недела беше отворена во Културно-информативниот центар во Скопје. Во изложбениот салон „Империјал“ се поставени дваесетина дела, а ова е нејзина девета самостојна изложба, која ќе биде отворена за публиката до крајот на месецот.
Ова е Ваша деветта самостојна изложба по подолга пауза. Колку врз творештвото и креативноста влијае Вашиот работен ангажман и како се случи токму сега да ги изложите Вашите дела пред публиката?
- Така е, по подолг временски период ова е мое повторно излагање и навистина ми е од големо значење бидејќи се претставени дела кои се изработени во последните неколку години, а тука е сплотена целокупната творечка енергија која е изразена со една искрена емоција и возвишено чувство на исполнетост и среќа. Во животот имаме периоди кога одредени приоритети се наметнуваат сами по себе, остварувањето како родител, а вклучително и работниот ангажман и секојдневието кое неизмерно ја исцрпува енергијата и е кочница во целокупниот процес на едно континуирано креативно творештво. Делата се изработени во изминативе неколку години, а особено во последните две.
Работите со повеќе материјали и техники, колку нивното комбинирање Ви помага во изразувањето како уметник? Како тоа влијае врз креативноста и создавањето на една слика?
- Повеќето дела се изработени во комбинирана техника која вклучува комбинација од акрилни и маслени бои, на моменти и апликации на одредени материјали (платно, метал, конец...), секојпат се стремам да пронаоѓам нови ликовни изрази и експерименти, кои сметам дека се главен двигател во самата инспирација и во целокупниот творечкиот израз. Во секое од делата доминира цртежот како основен принцип во изразувањето, а творечкиот израз неминовно влече корени и од постдипломските и дипломските студии, каде што најмногу се пронаоѓав во покомлексните комбинирани графички техники.
Сликите и цртежите имаат и интересни наслови. Колку зачетокот, шепотењата и поврзувањата Ви помогнаа да го премостите она што стоело во Вас за да дојдете до Вашиот остров на среќа?
- Во делата е опфатен целокупниот процес на живеењето, опстанувањето, приказна проткаена во самите дела, а тоа уочливо и преку насловите. Поаѓајќи од „Создавањето“, „Раѓањето“, „Поврзувањето“, па и „Премостувањето“ на одредени животни препреки, „Островот на среќата“ го носиме секогаш во нас, само треба да го препознаеме, да го негуваме и да се трудиме да го сочуваме. Мојот остров на среќата е моето семејство, љубовта, пријателите, емоцијата, истрајноста и вербата.
Изложени се Ваши слики и цртежи, иако Вашиот колега Гоце Божурски во текстот кон изложбата вели дека тие се погрешно дефинирани како цртежи и дека иако се работени на хартија, сепак се слики. Дали се согласувате со неговото видување дека сликите израснале од цртежите, а цртежите станале слики?
- Да, Гоце Божурски несомнено направи одлично професионално согледување на делата, ме воодушеви и навистина ме остави без зборови, цитирам: „Сеедно дали се дела изработени на цврста подлога (медијапан) или, пак, на хартија, станува збор за истокрвни агнациски дела на кои им се разликува само епидермот врз кој се создадени (сликите израснале од цртежите, а цртежите станале слики)“. Навистина се согласувам со таа констатација од страна на мојот колега, така е, цртежот, леснотијата во изразот и самата лиричност провејуваат и во цртежите и во сликите обединувајќи ги во едно ликовно единство без разлика на подлогата врз која се создадени.
Бужаровски вели дека не се водите од идејата да создадете уметничко дело, туку дека уметноста се раѓа самата при создавањето и дека најважен двигател во тоа е играта. Колку е важна играта во создавањето не само во уметноста, туку и во секојдневниот живот?
- Во самото креативно изразување не се водам од идејата да создадам уметничко дело, едноставно тоа за мене претставува еден креативен процес, нагон на игра кој секогаш поаѓа од процесирање на емоциите, секојдневните доживувања, внатрешните и духовни согледувања, врежани записи и процес во кој сите наталожени емоции се преточуваат во содржајни ликовни творби. Експериментот, возбудата, играта во избор на материјали, играта на бои, дава една свежина во изразот, а воедно едно одржување на целокупното понатамошно творештво. Способноста за артикулација на сензуалниот – телесниот и апстрактниот - духовниот нагон, а играта како неопходен квалитет треба да се негува и да биде главен двигател за креативноста, творештвото, а воедно и пронаоѓањето на себеси. Играњето, возбудата во творечкиот процес е многу важен аспект на издигнување и развој на еден уметник и развој на индивидуата воопшто.
Кажете ни повеќе за сликите и цртежите со кои овој пат се претставувате, кога се создадени и што Ве инспирира при нивното создавање?
- На оваа изложба се претставив со дваесет и пет дела, вклучувајќи слики и цртежи кои се создадени во последните неколку години, а вклучително и периодот на излолацијата, кога желбата за творење и создавање беше со зголемен интензитет. Инспирацијата ја пронаоѓам во љубовта, животот, емоциите, природата и сето она што нè опкружува, целокупниот процес и интерпретација во делата со обид да пренесат и создадат имагинарни светови, длабока просторност и возвишеност со доза на мистичност и лиричност. Во делата понекогаш се препознава одредена симболика, аморфни облици, знаци, кои им даваат некое особено значење на претставените амбиенти и таинствените имагинарни приказни.
Колку сето она што ни се случува влијае врз Вашето уметничко изразување?
- Се разбира, случувањата околу нас имаат огромно влијание особено во уметничкото творење. Изминатиов период, кога се соочуваме со страв, внатрешен немир, оттуѓување, наметнати од една страна, наспроти надежта да ја сочуваме искреноста, желбата кон доброто и љубовта, свесноста да ги сочуваме возвишените вредности во животот. Бегството од реалноста преку креативноста како издувен вентил, која секогаш е присутна и на периоди некогаш е со појак интензитет, некогаш со послаб, но секако творештвото не треба да се гради на сила, тоа се создава, се чувствува, се живее. Секој момент, секое чувство, емоција е врежан запис кој е мемориран во душата и во даден момент се преточува преку експресивен и креативен занес, создавајќи единствени автентични дела.
Фото: приватна архива