X
 08.02.2020 Здравје

Начини на кои вежбањето го менува вашиот мозок

Сите сме слушнале дека вежбањето е добро за нас, дека ги зајакнува срцето и белите дробови и ни помага во спречувањето на некои болести, како дијабетесот. Затоа, многумина се одлучуваат да почнат со вежбање. Но постојат други поволности од вежбањето за кои малку се знае.

Луѓето што се физички активни се посреќни и позадоволни од својот живот. Тие имаат чувство на цел и се поблагодарни, но и полесно се поврзуваат со другите и поретко страдаат од депресија. Овие поволности се забележуваат во текот на целиот живот, без разлика на видот на вежбање.

Вежбањето ве поттикнува да се социјализирате

Чувството на енергија и позитивност кое се јавува во текот на вежбањето, особено при трчањето, се поврзува со мозочни хемикалии кои поттикнуваат чувство на среќа. Овие хемикалии повеќе се лачат при движење, но и создаваат желба да се биде помеѓу други луѓе. Кај брачните парови, многумина стануваат поблиски кога вежбаат заедно.


Фото: Pixabay

Вежбањето помага при депресија

Кога вежбате, ги поттикнувате центрите во мозокот кои ви помагаат да се чувствувате мотивирани и да ја задржите надежта. Со текот на времето редовното вежбање го менува овој систем во мозокот и почнуваат да се лачат повисоки нивоа на допамин, но и се зголемуваат рецепторите за допамин. На овој начин вежбањето помага при депресија и го зголемува капацитетот за радост. Овие промени може да влијаат и врз оштетувањата на мозокот кои се последица на користење штетни дроги.

Вежбањето ве прави похрабри

Храброста е друга последица на физичката активност. Вежбањето ги зголемува нервните врски во региони во мозокот кои ја смируваат анксиозноста, а редовното вежбање може да го промени нервниот систем за да стане поимун на штетни влијанија.

Физичката активност во група ја гради довербата

Постои чувство на припаѓање кога повеќе луѓе се движат заедно, без разлика дали вежбаат, одат на настан или на работа. Движењето во група, според психолозите, го поттикнува лачењето на ендорфини, кои прават да се чувствуваме добро и ни помагаат да се поврземе со другите.

Пробувањето нова активност ја менува сликата за себе

При физичка активност чувството за себе во однос на другите се обликува според движењата што ги правите. Доколку се движите брзо, вашиот мозок го регистрира тоа. Доколку за време на вежбањето мислите дека сте премногу стари или премногу слаби, мозокот го регистрира тоа и наместо да се мотивирате, ќе се почувствувате обесхрабрени. Физичките постигнувања влијаат врз начинот на кој размислувате за себе и за тоа што сте способни. 

Фото: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје