Војната во Сирија трае веќе полни пет години. Секојдневието во земјата е прилично крваво: бомбашки напади, ранени или мртви лица на улицата, страв. Досега, во земјата животот го загубиле повеќе од 250.000 луѓе. Милиони луѓе бегаат од Сирија во Европа и било каде за да останат живи, но речиси 18 милиони луѓе и понатаму живеат во уништената Сирија. Како изгледа нивното секојдневие?
Би-би-си донесува извештај за животот на жителите во Сирија.
Бројот на жртвите расте секојдневно
Бројот на оние кои го загубиле животот или мигрирале постојано расте, а точниот број никогаш нема да биде познат. Сирискиот документациски центар за насилство, кој го сочинуваат активисти, ги забележува жртвите и причините на нивната смрт.
Граѓанската војна може да се подели во три фази кога станува збор за бројот на жртвите. Првата фаза е онаа во 2011 година, кога започнале протестите против владата, кои од ненасилни станале насилни. Ситуацијата ескалирала кога државните безбедносни сили започнале да користат сила против цивилите.
Втората фаза, која била и најкрвава, започнала во 2012, кога започнале бомбашките напади. Воздушните напади се она што ја означува третата фаза од сириската војна, а руските воздушни напади земале и голем број животи на цивили. Владимир Путин во понеделникот одлучил Русија да се повлече од Сирија. Повлекувањето започнало вчера. Путин изјавил дека руската задача во Сирија била завршена и сите сили сега ќе бидат насочени на постигнување мировен договор.
Колку луѓе има останато во Сирија?
Според проценките на Обединетите Нации, во Сирија и понатаму живеат 17,9 милиони луѓе. Пред војната имало 24,5 милиони. Тоа значи дека над 6 милиони луѓе се отселиле присилно.
Каде живеат оние што останале? Повеќето луѓе кои живееле во градовите избегале во природата за да најдат засолниште. Во сириската престолнина, Дамаск, животот во некои делови дури и се одвива нормално, што е исклучок. Во останатите градови, луѓето се борат за да преживеат. ОН вели дека на 13,5 милиони жители им е потребна хуманитарна помош, а дури 4,5 милиони луѓе моментално се наоѓаат во опколени и тешко достапни подрачја.
Каков е животот за оние што останале?
Петте години војна ја уништиле целата сириска економија. Вкупната економска штета се проценува на околу 180 милијарди евра, според податоците на Сирискиот центар за истражување на политиката. Невработеноста, исто така, е во голем раст. Не работат над 50% од жителите, што е раст за 14% во последните пет години.
Сириските семејства се мачат да спојат крај со крај. Речиси 70% од жителите живеат во екстремна сиромаштија и не можат да си дозволат најосновни животни намирници. Пред војната, Сирија имала развиено земјоделство кое носело големо производство и дистрибуција на прехранбени производи, но тие сектори страдале и ситуацијата е прилично критична во поглед на обезбедување на основните прехранбени производи.
Храната како оружје
Храната сè повеќе се користи како оружје. Таа се носи само во подрачјата кадешто ќе одобри владата. Поради тоа се развива и црниот пазар. Сè повеќе луѓе умираат од глад, а повеќето од нив се во опколени подрачја.
Цената на лебот се зголемила повеќекратно. Пред војната, тоа бил основна намирница која владата ја обезбедувала за оние кои не можеле да си дозволат храна. Но, сега работите се промениле. Сирискиот претседател Башар ал-Асад се обидел да интервенира со увоз на пченица од Украина и Русија, со што ја стабилизирал цената во подрачјата на Дамаск кои ги контролира владата.
Здравството во време на војна
Пристапот до медицинска заштита е исклучително важен во држава кадешто секој ден се ранети и убиени стотици луѓе. Но, многу здравствени установи биле срушени во текот на војната. Меѓу почетокот на немирите во 2011 и 2015 година биле забележани 336 напади на најмалку 240 здравствени установи во повеќе делови од државата. Во тие напади животот го изгубиле 697 членови на медицинските служби. Бројот на достапни здравствени работници се намалил за 55% во однос на предвоената состојба.
Пристапот до здравствени установи е сè потежок, додека од друга страна расте бројот на оние на кои им е потребна медицинска помош. Повеќе од 40% од населението воопшто нема пристап до медицинска помош. Од 113 јавни болници, над 58% веќе не се во функција.
Образование за следните генерации
Од 2011 година биле убиени илјадници деца, а оние кои преживеале немаат добри перспективи во Сирија. Моментално има милион помалку ученици отколку порано. Повеќе од 40% од нив не одат на училиште.
Сирискиот образовен состав бил уништен во војната. Просечно, едно од четири училишта биле уништени или оштетени. Голем дел од нив се претворени во воени згради за заштита од војната. Дури и оние училишта кои останале недопредни, можеби нема да може да бидат отворени бидејќи во нив нема да има кој да ги подучува децата. Околу 52.500 наставници ги
напуштиле своите работни места.