X
 18.03.2016 Образование

Нема конкуренција во издаваштвото, што е гарант за квалитетни учебници



Од печатни грешки, до нелогичности, неточни податоци и лекции кои едвај може да ги разбере возрасен, а не деца. Сето ова го има во македонските учебници за средно и основно образование и тоа кај повеќе предмети. Грешките ги забележуваат наставниците, родителите, па и самите ученици... Дека ги има, потврдија и челните луѓе на Министерството за образование и наука кои неколкупати изјавија дека новите учебнци од Кембриџ меѓу другото нема да бидат со грешки. Но, каде всушност може да се пријави грешка, каква е процедурата со ваквите случаи, има ли некоја институција која ги брои, селектира, која ги поправа? Одговор не успеавме да добиеме од Министестерството за образование и наука, ниту пак од Националната комисија за учебници. Пред неколку години МОН најави и супер ревизија на сите учебници, но никогаш не се обелоденија резултатите, освен што се повлече учебник по Општество.

Поранешниот министер за образование и наука, универзитетскиот професор Ненад Новковски вели дека подготвувањето на учебници е многу сложен процес и бара долго време и посебно внимание.

- Вообичаено, новите учебници се подготвуваат подолг период пред поднесувањето при што се остава доволно долго време да се проверат дали има грешки и пропусти во нив. Последниве години ова е оневозможено со тоа што програмите многу бргу се менуваат и не се остава доволно време да се направат соодветни подготовки. Покрај тоа, напуштен е системот на поднесување на учебниците од издавачи, каде што има повеќе лица што се вклучени во процесот на подготовка. Напуштена и стратегиската определба за конкуренција во издаваштвото, што е еден од основните гаранти за квалитетот на учебниците.

Покрај тоа, постојаните промени на програмите оневозможуваат да се прават периодични поправки на учебнците засновани на анализи добиени од примената на тие учебници - вели Новковски.

Според него, грешките во учебниците по правило се отстрануваат во примената од страна на наставниците, но водат до непотребна загуба на време и недоверба во образовниот систем.

- Посериозен проблем се недоволно квалитетните учебници што не обезбедуваат доволна помош на учениците во процесот на учењето. Обезбедувањето на квалитетни учебници е долготраен процес што се остварува во еден стабилен систем, без непотребни потреси и со акумулирање на сите позитивни искуства од образовниот процес - вели тој.

Ана Мицковска Ралева, аналитичар за образовни политики во Центарот за истражување и креирање политики од Скопје, вели дека проблемот со издаваштвото во образованието е неколкуслоен.

- Најпрво, дел од авторите на учебниците, иако се експерти во својата област, не се обучени да ги прилагодат содржините на возраста на учениците за кои тие се наменети. Понекогаш во обид да се упростат содржините, тие се банализираат и се оддалечуваат од поентата која би требало да ја имаат. Понатаму, рецензентите, кои би требало да ја проценат првенствено педагошката функција на учебникот, честопати тоа го прават само формално. Можеби причината е и недоволното вреднување на нивната работа. Конечно, службите кои ги одобруваат користењето на учебнците треба да имаат развиено детални индикатори за проценка на учебниците, особено аспектите на прилагоденост на возраста на учениците и нивните когнитивни е емоционални карактеристики, евентуалните последици на одредени содржини кон формирање на ставови и сл - вели Мицковска -Ралева .

Според неа важна карика се и наставнците кои треба да го контролираат начинот на кој учениците ги примаат и обработуваат информациите и да развиваат критички однос на учениците кон информациите.

- Особено за некои податоци, учениците не треба да ги примаат како апсолутни вистини, туку како материја која се менува со развојот на науката - вели таа. Ретко кој наставник со име и презиме зборува за не(квалитетот) на учебниците. Наставник по природни науки вели дека сами им укажуваат на децата каде се грешките.

- Пред почеток на часот, веднаш им кажувам на учениците каде има грешка за да си ја поправат. Сите колеги го прават ова. Често ни реагираат и родители, но што ние да правиме. Каде да пријавиме, кому да се пожалиме - вели наставникот.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование