Како и повеќето области во медицината, така и оваа е недоволно истражена, но сметам дека во иднина овој метод ќе даде уште подобри резултати и затоа оваа инвестиција ја сметам како реална и корисна, вели И.Ш.
Со матични клетки може да се лекуваат околу 80 болести во моментот, меѓу кои повеќе видови на леукемија и други карциноми, промени во крвта, имунололошки и метаболитички пореметувања. Во иднина со нив би можел да се лекува и аутизам, церебрална парализа, трауматски повреди на мозокот. Ова се само дел од интернет рекламите на една од најпознатите светски компании за сочувување на матични клетки. Во светот постојат многу компании кои нудат вакви услуги, а генерално сите го употребуваат истото мото за привлекување клиенти: осигурајте ја иднината на вашето дете.
Во Македонија има десетина компании кои презервираат матични клетки од крвта на папочната врвца или дел од нејзиното ткиво. Услугата секаде во светот е иста. Се плаќа еднократна сума за зачувување на примерокот за еден подолг период (20 или 25 години), а потоа се доплаќаат годишни надоместоци. Може да се плати еднократно или на рати.
Драгоцен материјал кој завршува во отпад
Лекарите велат дека сочувувањето на матични клетки од папочната врвца е драгоцен извор за лекување, а најголем дел од него и денес завршува како отпад. Сепак, станува збор за скапа инвестиција која не може секој да си ја дозволи.
Македонските компании нудат услуги за сочувување на матични клетки за различни пакети, а цените се движат меѓу 1.700 и 2.600 евра.
И.Ш. од Скопје, татко на двегодишно детенце, вели дека со сопругата решиле да сочуваат матични клетки кога го добиле синчето.
- Главната причина е здравјето на детето, односно можноста да се спречат и лекуваат одредени болести за кои има сознанија дека со помош на матичните клетки може да се излекуваат. За процедурата се информиравме преку интернет, но и на советувањата и часовите за бремени жени на Клиниката за гинекологија и акушерство каде претставниците на фирмите кои се занимаваат со оваа дејност го презентираа самиот процес, резултатите од истите како и условите под кои можат да се сочуваат матичните клетки. Сочувањето на матичните клетки не чинеше 2.000 евра, еднократно,но постоеше можност за плаѓање на рати, но со цена од 2.500 евра, ако добро се сеќавам - вели тој.
На прашањето дали е верува дека оваа област е доволно истражена за да вложат толкава сума, тој одговара:
- Како и повеќето области во медицината, така и оваа е недоволно истражена, но сметам дека во иднина овој метод ќе даде уште подобри резултати и затоа оваа инвестиција ја сметам како реална и корисна.
Сонував за тоа, но беше прескапо
Наташа Јованова од Скопје веќе три години живее во Берлин, а пред една година доби синче. Таа вели дека трошоците за сочувување на матични клетки во Греманија се различни и зависат од тоа кој и што нуди. Стартните трошоци отприлика изнесуваат околу 3.000 евра. Повеќето од Германците не го практикуваат како метода, но бројот во последните години расте. Лекарите кои ја водат бременоста на жените не го препорачуваат, но како и секаде, болниците и гинеколошките ординации се снабдени со фалаери и информативни материјали за банките во кои може да се зачуваат матични клетки.
- Ние не сочувавме. По една од посетите на болниците најдов флаер и кусо разговаравме дали да сочуваме. Но, на тоа остана бидејќи имаше други приоритетни работи за одлучување – вели таа.
Елизабета Георгиевска вели дека отсекогаш планирала да сочува матични клетки од нејзините деца, дури и кога ова изгледало како научна фантастика.
- За жал, животот носи неочекувани работи. Не бев финансиски моќна да го сторам тоа. Сепак, се уште имам надеж дека матични клетки може да се извлечат и од млечни заби – вели таа.