X
 04.05.2016 Култура

Рецензија на книгата "Ејми ја нема" - Џилијан Флин

Вознемирувачка приказна за ненадејното исчезнување на Ејми, сопругата на Ник, која ќе ви докаже колку човечката психа знае да биде превртена и темна.

 

1


Трилерот на Џилијан Флин, „Ејми ја нема“ е интелигентен, блескаво темен и моќен. Романот ја отвора приказната кога Ник, дознава дека неговата прекрасна сопруга Ејми ја нема на денот на нивната пет годишнина од бракот. Нивната влезна врата е отворена, масичката искршена, книгите расфрлени, а Ејми исчезната.

Ник се јавува во полиција, меѓутоа постојано е сомнителен со неговите реакции. Тој постојано зборува за Ејми во минато време, размислува за нејзиниот череп и не е сосема доволно загрижен за нејзиното исчезнување.

„Ејми ја нема“ постојано се префрла од потрагата по Ејми и фокусот на американските медиуми кон оваа жена, и дневникот на Ејми, во кој таа пишува за почетоците на врската со Ник. „Ми вети дека ќе се грижи за мене, но сепак чувствував некој страв“.

Книгата е преполна со енигма и загатки. Авторката Џилијан Флин успева да направи нешто доста тешко - таа пишува за родовото однесување кое изгледа како да треба да е стереотипно, меѓутоа сето тоа испаѓа свежо, остроумно и застрашувачко. Таа е во состојба да навлезе во умот на Ник и Ејми толку добро, што оваа книга ќе ви остави чувство на неизвесност и ќе ве натера да се запрашате колку добро ги познавате вашите најсакани?

Оддалечениот маж кој одамна се откажал од бракот, преправајќи се дека се` е во ред додека живее двоен живот. Запоставената домаќинка која едноставно не може да се справи со турбулентните задолженија, малограѓанските озборувања и нејзиниот моментален социјален статус. Секако, лесно би било ликовите да се сместат во стереотипна категорија меѓутоа тие имаат една екстра димензија која нe` потсетува дека некогаш навистина спаѓаме во ваквата категорија во реалниот живот. Но, исто како Ник и Ејми, и овие тропи се полни со сложеност со што нашите предвидувања воопшто не испаѓаат точни, затоа што колку и да изгледаат овие ликови предвидливи, тие сепак не се.

Сведоци сме додека ликовите се обидуваат да се дешифрираат еден со друг, а ние имаме можност да видиме како тие не успеваат да дознаат еден за друг.

Лесно е да се види зошто Ник и Ејми се чувствуваат заробено. Како и повеќето од нас, тие се плашат да бидат дводимензионални. Тие се плашат дека ќе бидат принудени да станат нешто што не се. Флин го зема идеалот на едно американско семејство од 50-тите, и успева да го предизвика читателот да размислува за феминизмот и како тој се вклопува во денешниот модерен живот. Ник изгледа искрен, но за брзо време ја губи довербата од сопствената сестра, и довербата на читателите.

Флин успешно навлегува во главите на едно типично дисфункционално семејство, кое се впушта во пропаст бидејќи ликовите никогаш не се сосема искрени еден кон друг.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура