Еден лет од Филаделфија до Сиракјус, Њујорк, бил одложен за два часа во четвртокот откако една жена се пожалила на екипажот дека мажот кој седел до неа бил терорист кој пишувал терористичка шифра на белешка.
Всушност, тоа бил 40-годишен професор на Универзитетот во Пенсилванија кој работел на равенка.
„Американ ерлајнс“, која била одговорна за летот во соработка со „Ер Висконсин“ потврдила дека жената се пожалила на професорот Гвидо Мензио, кој има „темна, виткана коса, маслинеста кожа и егзотичен странски акцент“, според „Вашингтон пост“. Професорот е Италијанец.
Како што пренесуваат медиумите, жената прво се пожалила дека се чувствува лошо, но откако излегла од авионот им кажала на стјуардесите и пилотите дека не се чувствувала пријатно летајќи поради мажот кој седел веднаш до неа. Обезбедувањето веднаш интервенирало и набргу заклучило дека професорот по економија не претставува закана за никого. Жената никогаш не се вратила на летот.
Мензио тврди дека бил третиран со почит, но вели дека целиот инцидент служи за илустрирање на „срушен систем кој не собира информации ефективно“ и дека секој може да биде причина за одложување на лет со часови, без разлика колку е бесмислен сомнежот.