X
 12.07.2016 Живот

Д-р Роберт Хит - Човекот позади најконтроверзните експерименти и истражувања

Америка после војната сметала дека хомосексуалноста е ментално нарушување - со што му дозволила на еден неврохирург да ги прошири неговите ужасни експерименти.

 

мозок


Д-р Роберт Галбрајт Хит бил човеке со неверојатна љубопитност - и во можност да ја следи неговата муза онаму кадешто било потребно. Голем дел од неговиот живот го посветил на истражување на неговата теорија дека може да излечи шизофренија и други ментални болести преку испраќање електрични импулси на „септалниот“ регион на субкортексот на мозокот, со помош на електроди преку черепот. Но, додека септалната стимулација била константа на неговата кариера, тој се занимавал и со други работи, издавајќи најмалку 425 трудови.

Помеѓу неговите напори било и лекувањето на хомосексуалците. Тј експериментирал со дрога која ја ставал длабоко во мозокот преку мали цевки наречени канили, таргетирајќи ги истите региони како неговите електроди. Тој исто така ја тестирал дрогата „перење на мозокот“ наречена „bulbocapnine“ за ЦИА, и врз животни и врз човечки затвореник (иако со децении тоа го негирал), како мал дел од огромната и нелегална „MK-Ultra“ програма со цел да ги истражува границитеи ограничувањата на американското тело.

Во 1972 година вeсникот „New Orleans Times“ објави дека Хит бил во можност да „забележи септилна активност која произлегува од алкохолот, цигарите, амфетаминот, марихуаната и сексуалниот оргазам“. Во тоа време тој започнал да ги тестира ефектите од марихуаната врз мајмуни дувајќи чад во нивните кафези: еквивалент на 250 цигари марихуана дневно. Во неговиот извештај заклучил: „Марихуаната може да предизвика сериозно оштетување на мозокот, респираторни штети и еректилна дисфункција.

За волуменот и разновидноста на неговата работа, угледот на Хит се засновал на едно откритие - повторно производ на неговата работа на септалниот регион. Освен што го стимулирал мозокот со шизофренија, тој и го проучувал. Сакал да дознае која била разликата во врска со ткивото, хемикалиите, гените кои предизвикувале аномалија. Испитувањата на примероците од крв и материјата од мозокот од луѓето со шизофренија, покажале мистериозна супстанција што тој ја нарекол тараксеин, која се чинело дека била направена во септалната област.

Ова не било нус-производ на шизофренијата: напротив, се чинело дека ова ја предизвикува шизофренијата. Ако тој ставел од серумот во мозокот на мајмуните, тие започнувале да покажуваат симптоми на шизофренија. Неколку часови подоцна тие се вратиле во нормала. Кога истото се обидел да го направи кај луѓето, резултатите биле исти. Извештајот предизвикал сензација.

Во 1967 година, со понатамошната истрага Хит тврдел како открил дека тараксеинот всушност бил антитело произведено од мозокот. Голем број научни списанија потврдиле дека неговото откритие е едно од најзначајните научни достигнувања во областа на психијатријата. Она што Хит го открил било дека луѓето со шизофренија всушност биле алергични на сопствениот мозок. Започнале да кружат и разговори за Нобелова награда.

Меѓутоа постоело само еден проблем: тараксеинот не постоел. Или ако постоел, никој друг не можел да го пронајде. Дури и некои техничари одговорни за изолирање и прочистување на супстанцијата биле уверени дека не постои. Џејмс Итон, колега на Хит, кој бил сведок на експериментот на Хит, изјавил дека било јасно дека пациентите глумеле луди бидејќи сфатиле дека то Хит го сака: кога тараксеинот бил спроведен од други доктори, нивното однесување останало непроменето.

Оваа контроверзност му наштетила на националниот углед на Хит - веќе загрозен од кавгата со Сејмур Кејти, кој како прв директор на Националниот институт за ментално здравје гарантирал дека Хит секогаш ќе биде одбиен за федерални средства за неговата работа, па затоа Хит морал да бара приватни донатори. Но, работите не се промениле во Луизијана: Хит продолжувал да добива награди и титули и бил доста почитуван.

Но, постоела поширока реакција против психохирургијата. Не била само лоботомијата која била дискредитирана: постоела листа на штетни, опасни и вознемирувачки третмани кои се вршеле низ Америка. Стравувањето поради контрола врз умот и перење на мозокот го поттикнало успехот на филмот „The Manchurian Candidate“ и фрлило сомнеж врз било кое истражување во кое биле вклучени дрога и електроди со цел да се манипулира со умот.

Во 1972 година, психијатарот Питер Брегин објавил предупредувачки есеј за опасностите од психохирургијата, вклучувајќи ја и работата на Хит. Ова го привлекло вниманието на Тод Окс, член на Медицинскиот комитет за човекови права кој работел во бесплатна клиника во француски кварт во Њу Ореланс. Окс и неговиот комитет го зеле случајот и го известиле Бил Руштон, борец за правата на хомосексуалците и истражувачки новинар за локалниот „Vieux Carre Courier“.

Делото наречено „The mysterious experiments of Dr Heath: in which we wonder who is crazy and who is sane“ било напад врз работата на Хит. Објавено во 1974 година, не само што ја раскажувало приказната на пациентот Б-19, туку тврдело дека сестрите ги криеле пациентите од слугите на Хит кои доаѓале и барале пациенти за него. Хит привлекол уште повеќе негативен публицитет во книгата на Алан Шефин и Едвард Оптон „The Mind Manipulators“ објавена во 1978 година.

Најштетната критика, сепак дошла во книгата „Brain Control“ на Елиот Валенстајн. За разлика од другите, Валенстајн бил член од професијата на Хит. Тој тврдел дека Хит не бил чудовиште, туку едноставно лош научник. Тој го потенцирал недостатокот на контрола на Хит, неговата навика да го чита она што сакал да го добие во информациите и други експериментални грешки, со што голем дел од неговата работа била едноставно неважечка. „Мојата критика за Хит беше дека тој не знаеше како да ги тестира своите заклучоци за верификација. Тој секогаш беше заинтересиран за резултати кои беа спектакуларни - како на пример пронаоѓање на протеин во мозокот кој предизвикува шизофренија. Тој објавуваше трудови без никогаш да погледне во алтернативните објаснувања, и никогаш не ја тестираше сигурноста на своите наоди, и многу брзо ги рекламираше неговите наоди, такашто тој беше доста несигурен“, вели Валенстајн.

Некои луѓе со кои разговарал Валенстајн му кажале дека голем дел од пациентите го стимулирале сопствениот ум затоа што мислеле дека тој сака тоа да го прават. Хит признал дека септалната стимулација имала различни ефекти врз различни луѓе - обично ги засилувало емоциите наместо да ги создаде, особено во случај на возбуда, а имало помалку влијание на оние кои веќе биле среќни и задоволни.

И покрај контроверзијата, Хит ја задржал позицијата и угледот - но Тулан станувал се' позагрижен за неговата репутација. Во раните 70-ти, било се' потешко да се пронајдат донатори за финансирање на истражувањата за електродите како и официјалното одобрување за процедурите. Хит дури и зел кратка пауза додека стивне лошиот публицитет.

Сепак, во однос на неговите амбиции и убедувања за мозокот, ништо не се променило. Психијатарот Мерилин Скинер се сеќава дека како млад жител во Тулан, му бил даден случај на млада 22 годишна девојка: „Таа беше дива, не можеше никој да се доближи до неа, буквално беше цела со лузни - нејзиното тело беше лузна од нејзиното самоповредување. Постоеше опасност да се самоубие или да убие некого“. Хит одлучил да спроведе радикална хируршка процедура - но не можел да добие дозвола за тоа да го направи во Њу Орлеанс. Затоа, пронашол болница во Калифорнија и кога се случила процедурата, се случило нешто неверојатно. „Со операцијата во основа се прекинаа врските меѓу двете хемисфери на мозокот. После операцијата девојката беше нова. Покажуваше топлина и благодарност - можеше да зборува за нејзините чувства и за тоа што се случило и повеќе не беше склона кон самоубиство и убиство“. Токму тоа е неверојатно во врска со Хит: понекогаш неговите диви идеи всушност успеваат.

Хит се пензионирал како претседател на неговиот оддел во 1980 година, после 31 години работа, иако тој продолжил да работи уште неколку години потоа. Дури и пред неговата смрт во 1999 година, на возраст од 84 години, неговата репутација надвор од Тулан станала лоша. Тој стана познат, не како еден од најстарите и најпознатите страсни поборници за биолошките причинско-последични односи на шизофренијата, туку како човек чија работа и дела се чинеле поблизу до научна фантастика отколку практична медицина.

За некои тој бил  чудовиште. Тој користел ранливи пациенти за да ги тестира неговите теории, предизвикувајќи кај голем дел од нив значителна штета.

Хари Бејли, австралиски лекар кој на кратко работел со Хит на истражување за електродите, го обвинил дека избира Афро-американци за неговите експерименти бидејќи тие биле насекаде и биле евтини експериментални животни. Хит бил обвинет за контролирање на умот, варварство, нацистичка наука, користење на затвореници и многу други работи.

Сепак, неговите поранешни колеги подеднакво раскажуваат сосема друга приказна. „Освен моите родители, тој беше еден од најдобрите ментори и лидери кои сум ги сретнал. Никој не беше повеќе посветен во обидот да пронајде лек за луѓето кои медицината ги имаше запоставено. Тој се одлучи за психијатрија и неврологија, наместо кардиологија и дерматологија бидејќи сметаше дека не се обрнува доволно внимание на овие луѓе“.

Но, тој бил арогантен и темпераментен, но и  инспиративен. Неговиот колега од Тулан, неврологот Леон Вајсберг го нарекува вистински визионер... извонреден лекар, учител, администратор, научник и пријател“.

Можеби Хит одел во крајности, но не бил единствен. Во 1963 година, различна група на научници во Тулан започнале да пресадуваат бубрези од шимпанзо кај човек. Лоботомија, терапија за длабок сон, инсулински шок - електродите на Хит во споредба со сето ова биле деликатна интервенција. Тој најчесто ги користел кога станувало збор за болни пациенти за кои другите третмани не успеале - иако Б-19 и други велат дека ова и не е таа вистина.

На необичен начин, самата личност на Хит е толку фасцинантна и токму затоа тој денес е значаен. Тој не бил злобен научник кој се криел во подрумот од неговиот дом, туку почитуван професор и главен на оддел во универзитетот. Неговите недостатоци и неговите неуспеси да ги прифати ограничувањата биле најзначајни.

Централниот увид на Хит - дека шизофренијата е болест на мозокот, а не на умот - секако е оправдана. Научниците денес повторно се обидуваат да користат длабока мозочна стимулација за лекување на ментални болести.

За современиците, најконтроверзниот експеримент на Хит бил Б-19. Основната идеја во 1968 година била дека задача и должност на психијатрите е да ги  „излечат“ хомосексуалците. Хомосексуалноста била официјално наведена во учебниците како социопатско нарушување на личноста, страв од спротивниот пол кој резултирал од траума од детството. Се' до 1973 година било наведено како „сексуална девијација“.

Говорејќи денес, Валенстајн признава дека „ставот кон хомосексуалноста во тоа време бил многу поразличен од она што е сега“. Она што било различно кај процедурата на Хит, е дека Хит не се обидувал да ја „поправи“ хомосексуалноста. Тој нудел полесно и потрајно решение од долготрајната терапија.

Пред неколку години Џејмс Итон бил интервјуиран во врска со работата на Хит за потенцијален документарен филм. На крајот, тој бил запрашан за целта на Хит да ја избрише хомосексуалноста. „За што зборувате вие? Јас сум хомосексуалец. Знам дека сум хомосексуалец целиот мој живот. И Хит знаеше. И од 44 од вкупно 45 соработници тој ме назначи за главен и ми веруваше се' до неговата смрт. Зошто би го направил тоа? Никогаш не алудирал на фактот дека сум хомосексуалец“.

А што е сом ладиот човек, Б-19? Дали „лекот“ на Хит навистина функционирал? Во интервју од 1972 година, тој тврдел дека Б-19 решил голем дел од неговите лични проблеми и водел активен хетеросексуален живот. Успешна мисија? И не баш. Додека електродите на Хит можеле да предизвикаат привремена возбуда, тие не ја менувале основната пирода на пациентот. Но важно е да се знае дека самиот Б-19 му се обратил на Хит за „лек“ против хомосексалноста.

Најдоброто место за пронаоѓање на вистината за Б-19 и другите експерименти на Хит е неговата архива, која се наоѓа во стар оддел во Тулан. Но, универзитетот одбива да ги сподели, иако на истражувачите им било дозволено да ги погледнат филмовите од експериментите на Хит. Иако не бил Бог, сепак јасно е дека човекот имал извонредна дарба и харизма. Дури и на стара возраст, тој тврдел дека со пресадување на септилно тикво од едно на друго лице би се подобрила функцијата на мозокот и би се намалиле ефектите на Алцхајмерова болест. Тој веќе тоа го направил кај стаорците. На некој чуден и фасцинантен начин тој бил во потрага по одредена цел. 
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот