X
 05.08.2016 Технологија

Дали би дозволиле да вградат микрочипови под вашата кожа?

Во последните 10 години, нашиот однос со технологијата практично се промени побрзо отколку што пишуваме. Во 2006 година, се појави терминот „Crackberry“ кој се однесуваше на зависноста од мобилниот телефон „Blackberry“, еден од првите кои стекна голема популарност.

 

чип


Денес малку е чудно да кажеме дека сме зависни од телефоните - како можеме да бидеме зависни од нешто што веќе го сметаме за дел од нас и нашето тело?

Неспоредливиот успех на овие уреди го отвори патот кон револуцијата на потрошувачкиот производ. Компаниите се обидуваат да поврзат сè со брзиот развој на Интернетот на нештата. Од фрижидери до термостати, преку домашни системи за следење на автомобилот, животот стана навистина хипер-поврзан. Мобилните во нашите џебови еволуираа во часовници за на зглоб, пренесувајќи ја нашата лична технологија поблиску до нашите тела. „Google Glass“ беше голем скок во оваа насока, компјутерска платформа замислена како директен додаток на нашите најделикатни и најважни сензорни алатки - нашите очи.

Можете да претпоставите на каде оди технологијата. Се чини дека следниот чекор во нашата интимна врска со оваа технологија е чипот. Како што се навикнувавме на идејата за Интернетот на нештата, Интернетот на сè се гледа на повидок. Вградувањето на микрочипови под нашите кожи драматично ќе ги зголеми придобивките кои веќе постојат или само се навестуваат со паметните телефони и уредите за носење. Чипот под кожата би можел веднаш да ги измери физичките параметри како што се гликоза во крвта и крвниот притисок. Би можел да ви ги доставува лековите во точно време и точна доза. Би ви овозможил отклучување на влезната врата и плаќање на автобуската карта со едноставен допир на дланката.

Секако, неколку храбри луѓе веќе се обидуваат со оваа нова технологија. Во 2014 година помала субкултура на хакери вградиле компас во нивните рамена и магнети во нивните уши, помеѓу другите нешта.

Меѓутоа остатокот од нас може да не е толку подготвен да стави чип под кожата и да стане првата генерација на киборзи. Паметните телефони веќе ни ги покажаа опасностите од технологијата која ја држиме толку блиску до нас. „Google Glass“ ги засили овие прашања со што се намали и неговото купување. Користењето на овој уред во јавноста покрена прашања во врска со приватноста, технолошката етика и претпоставки дека за корисниците е опасно постојано да имаат интернет пред нивните очи. Постоеја и забелешки дека ваквиот производ едноставно е пред своето време.

Но дури и да ги ставиме настрана технологијата и модата, уредите за под кожа единствено ќе ги зголемат контроверзиите. Да се чипува еден човек значи да се откаже тој човек од неговата приватност. Колку и да се нападни паметните телефони со снимањето на нашите секојдневни активности, локации и слично, барем имаме можност да ги исклучиме, да ги оставиме дома или да ги фрлиме. Меѓутоа вградените чипови значат дека повеќе никогаш нема да бидеме сами.

Дали вие би дозволиле да вградат чип под вашата кожа? За постарите генерации одговорот на ова прашање е и повеќе од познат, меѓутоа оние луѓе родени во дигиталната ера и оние кои растат во овој храбар нов свет дефинитивно ќе имаат различен одговор. Или пак, ако чипот ќе ви го врати видот, дали одговорот на вашето прашање ќе се промени? Ако ви даде супер моќи... Наскоро сите ќе имаат избор: да живеат во рамките на Интернетот на нештата или да станат дел од Интернетот на сè.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија