X
 23.08.2016 Култура

Лешок - спој на духовното и убавата природа

Чистиот воздух никого не остава рамнодушен. Уште на самиот влез од селото го чувствувате благотворното дејство на природните убавини кои ве опкружуваат. А кога влегувате во дворот на манастирскиот комплекс „Свети Атанасиј“ во вас се вгнездува духовен мир, безгрижност и благосостојба. Ова село нуди раскажува многу приказни и е место кое го посетуваат луѓе од различни краеви на светот.



Манастирот „Свети Атанасиј“ е приказна сама за себе. Досега е два пати уриван. Прв пат во 1690 година Турците го разурнале целиот комплекс со се црквите. Втор пат манастирот го кренале во воздух албанските терористи за време на конфликтот во 2001 година.

Тогаш, манастирот беше комплетно разрушен. Сега е возобновен и претставува најголем духовен центар во тетовско. Во комплексот се наоѓа и црквата „Св. Богородица“, како и гробот и спомен собата на Кирил Пејчиновиќ кој е еден од најпознатите македонски преродбеници од XIX век. Во разни документи и сведоштва се зборува дека во Лешок некогаш имало дури 44 цркви.



Селото Лешок се наоѓа на надморска височина од 560 метри. Опколено со зеленило и шума, чистиот воздух е препознатлива карактеристика. Особено е преполно за време на православниот празник Голема Богородица на 28 август, кога луѓето масовно го посетуваат. Со години Лешок е и дестинација на сите оние кои сакаат да се релаксираат во природа. Падините често се користат за излети и семејни собири.

Одличната географска положба на Лешок овозможува и организирање на фестивали и манифестации. Секоја година Лешок е домаќин на фолк фестивал, како и фестивал на отворено за помладата популација.



Кога ќе пристигнете во Лешок, црковните лица од манастирскиот комплекс, љубезно ќе ве пречекаат и ќе ви ги раскажат приказните за ова свето место. Неуморни раскажувачи, кои заинтересирано ќе ги слушате, дознавајќи повеќе за селото кое изобилува со убава природа и духовни вредности.



Селото брои 440 жители а од Тетово е оддалечено 10 километри.
Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура