Тетовската градска библиотека „Кочо Рацин“ денеска во рамките на проектот „Запознај ја библиотеката“ доделуваше бесплатни книги на заинтересираните кои поминуваа покрај објектот. Дел од акцијата е и бесплатно запишување на нови членови во библиотеката.
- Секоја година правиме промотивни активности околу читањето, па сакаме да биде традиција бидејќи има потреба од промоција на читањето и книгите. Одлучивме да биде надвор во директен контакт со минувачите. Така децата ќе можат да се запознаат со библиотеката, а на возрасните ќе им покажеме дека имаме многу книги и има што да читаат - изјави Њомза Исмаили Имери од библиотеката.
Главната порака поставена на сите книги беше „Земи ме, прочитај ме“. Се доделуваа и друг вид промотивен материјал како тефтерчиња, пенкала, моливи, маркери и слично.
- Со ова сакаме што повеќе луѓе да ги стимулираме да читаат книги. Бројот на наши членови секогаш е во пораст, никогаш не опаѓа, но сметаме дека треба да има уште многу луѓе да дојдат и да се зачленат за да читаат книги. Тетово како град со два универзитети има потенцијал за уште многу нови читатели - рече Њомза Исмаили Имери.
Дел од книгите наменети како подарок беа поставени на дрвјата спроти библиотеката со цел граѓаните во кое било време да ги земат.
Извор: МИА