Регионалниот центар за стручно образование и обука ќе создава профили од електротехничка и машинска струка како одговор на пазарот на трудот, а може и така да ја обликува индустриската препознатливост на Тетово
Во минатото Тетово од индустриски аспект важеше за текстилен центар каде што големиот број фабрики функционираа благодарение на текстилното училиште како место за создавање на потребниот кадар. Ваквата слика одамна е променета, па сега Тетово нема специфична карактеристика која индустрија е доминантна, а воедно и пазарот на трудот е небалансиран во однос на побарувачката и понудата.
Модернизацијата во образованието преку регионалните центри за стручно образование и обука претставува можност Тетово индустриски да се дефинира, а со сигурност уште повеќе да одговори на потребите на пазарот на трудот, односно на создавањето кадри кои сè повеќе се бараат во економијата. Такви се размислувањата во средното стручно училиште „Моша Пијаде“, кое ќе стане еден од неколкуте регионални центри за стручно образование и обука низ Македонија. Процените се дека акцентот треба да се стави на создавањето електротехнички и машински кадри, кои во иднина може да ја обликуваат тетовската индустриска карактеристика наместо поранешната текстилна.
- Развојот на индустријата и побарувањата за одредени занимања покажаа дека во Тетово треба да се фокусираме на електротехничката и машинската струка. Регионалниот центар ќе даде можност овие две струки да имаат приоритет во обезбедувањето средства. Не дека другите ќе се занемарат, туку истражувањата покажале дека со квалитетен и поброен кадар од овие струки ќе се одговори на потребите на пазарот на трудот, односно на фирмите за вработување на ваков кадар - вели Небојша Трпковски, директор на „Моша Пијаде“.
Регионалниот центар треба да ја помести институционалната „тромавост“ кога е во прашање согледувањето на потребите за вработување одредени кадри. Покрај фокусот на двете струки од формално образование, регионалните центар треба да значи и уште поквалитетна понуда на неформално образование преку обуки, курсеви, тренинзи.
- Суштината е во инвестирање, покрај во формалното, и во неформалното образование, каде што обука имаат и веќе возрасни лица. Главен потег е преквалификацијата и со тоа обезбедување кадар, но и можност за личноста да биде поконкурентна при вработување. Да не зависат од она што го имаат стекнато или да им се признаат квалификации што ги стекнале со животно искуство - објаснува тетовскиот професор по стручни предмети од електротехничката струка и директор.
Освен занаетчиските профили, како монтер во градежна струка, заварувач, ѕидар, пекар, ќе има можност за создавање кадар и за други работни места, на пример, монтер на соларни панели. Исто така, неформалните обуки ќе значат можност да се создадат кадри за најновите ИТ-трендови - веб-дизајнер, оператор на веб-страници и слично.
- Мора да погледнеме во Европа, овие центри на извонредност треба да бидат спој на сите институции што се занимаваат со образование на кадри - стручните училишта, работничкиот универзитет, невладини организации, факултети, фуднрејзинг-организации, стартапи и слично. На пример, купуваме ЦНЦ-машина за некоја компанија која нема место каде ја смести, па ќе може да плати надомест за користење, а воедно учениците да имаат практична работа. Така стануваат потенцијални вработени и веднаш одговараме на потребите на пазарот на трудот - вели Трпковски.
Прераснувањето од средно стручно училиште во Регионален центар е можност посамостојно да се решаваат инфраструктурните проблеми. Сега со грантот кој се добива од Министерството за образование и наука преку ИПА-мерките може да се подобри функционалноста на објектите, но и да се набават опрема и средства за приоритетните профили од електротехничката и машинската струка.
- Ќе работиме на подобра енергетска ефикасност, замена на електрична инсталација, осовременување на начинот на греење, санирање на покривната конструкција на новата училишна зграда, санитарните јазли, доопремување на подрумските и таванските простории во двете згради, реорганизација на просторот, пристапност за лица со попреченост. Овие работи не се спроведувани досега во училиштето - вели Трпковски.
Училиштето „Моша Пијаде“ во времето на Југославија претставуваше регионален центар, но од аспект на установа каде што се едуцираа кадри за земјоделството и имаше таков назив. Имаше 60 хектари површина со обработливо земјиште и функционираа разни стопанства. Државата им го предаде земјиштето на други образовни институции како место за објекти. Сепак, и понатаму во намален обем функционираат фармата, пластеникот, автошколата.
Сега има 900 ученици во 72 паралелки кои учат на македонски и на албански јазик, 150 луѓе наставен кадар и 50 административно-техничко вработени лица.