Илон Маск, дефинитивно, е човек кој размислува многу чекори пред сите, а неговиот нов проект го докажува тоа.
Американскиот технолошки магнат, Маск, го претстави својот нов амбициозен проект пред светската јавност на 67 Меѓународен конгрес на астронаутика во Гвадалахара: да создаде комплетен меѓупланетарен транспортен систем.
Додека светот се занимава со кризи и војни, шефот на компанијата SpaceX, размислува како на идните генерации да им остави ново наследство, кое не мора нужно да остане на планетата Земја.
На претставувањето на својот план, тој беше дочекан со гласни овации.
Зошто токму Марс?
Маск истакнува дека изборот на човештвото во сончевиот систем е ограничен и затоа наједноставен и најдобар избор е планетата Марс. И тоа не само колку да се стигне дотаму, туку да се направи нов дом за човештвото, со што нашиот вид навистина би станал мултипланетарен.
Со користење на денешните конвенционални методи за праќање на човекот на Марс, висината на трошокот по лице би изнесувала околу 10 милиони долари, што е многу висока цена за карта до Црвената планета. Маск вели дека е потребно таа цена да се спушти на 200 илјади долари по човек, а за тоа да се постигне, треба да се спроведат неколку нужни чекори: да се создаде вселенско летало кое ќе може да се користи повеќекратно, да се избере вистинското гориво, што ќе може да се произведува и на Марс, но и да постои можност за дотур на горивото во орбитата. Според него, најсоодветен би бил метанот, кој може да се произведе од јаглерод диоксид и кислород од кои се состои мразот што се наоѓа на Марс. Со овие наведени услови, цената за патот до Марс драстично се намалува.
Ракета со невидени пропорции
На презентацијата беше прикажана и симулација на летот до Марс. Ракетата што би лансирала вселенски брод кон Марс би била огромна, но Маск верува дека идните ракети ќе бидат уште покапацитетни. Во ракетата што е замислена во SpaceX би собирало околу 100 патници, би била висока 122 метри, со дијаметар од 17 метри и големина на дијаметарот на генераторот од 12 метри. Ракетата би била направена од јаглеродни влакна. Неодамна тестираниот ракетен мотор Раптор кој се движи на метан е изборот за кој се одлучија во SpaceX. Маск појаснува дека се работи за зголемен и подобрен систем што е комбинација од Falcon9 и Falcon Heavy. Целиот „бустер“ би бил долг 77,5 метри и многу помоќен од постоечките, а би имал вкупно 42 Раптор мотори на дното.
Вселенскиот брод, односно горниот дел од ракетата е најголемиот предизвик, затоа што мора да обезбеди простор за патниците, за товарот, за резервоарот со течен кислород и резервоарот со гориво, вели Маск.
Што после Марс?
Маск вели дека претставениот транспортен систем ќе му овозможи на човекот да патува каде било во сончевиот систем: од месечините на Јупитер и Сатурн сè до Плутон.
За да се востанови комплетно независна
цивилизација на Марс, проценката на Маск е дека би биле потребни од 40 до 60 години.
Погледнете ја презентацијата и ѕирнете во иднината што не е далеку од нас.