Првата асоцијација за бањата кај мнозинството луѓе е хигиена, чистота, белина... но, и место за одмор, изолација, релаксација. Секако, тука спаѓа и големото количество вложена енергија бањата да изгледа како оаза на домот.
Дали сè сте средиле кога ќе ги изрибате ВЦ шолјата и кадата, ќе ги „светнете“ плочките и ќе го исчистите бигорот што се наталожил? А, дали имате завеса за кадата или, пак, кабина за туширање?
Дали знаете што сè се собира на таа завеса? Цел труд ви пропаѓа, ако завесата ви е дотраена или валкана, а вие не го забележувате тоа.
Треба да знаете дека влажните завеси се омилено престојувалиште на бактериите, мувлата, бигорот, микроорганизмите, габите...
Мувлата и бактериите се размножуваат со геометриска прогресија на пластичната површина, а според едно истражување, на секој втор сантиметар квадратен живеат милиони микроби, од кои 80% се опасни и можат да создадат аеросол во воздухот, што лесно достига до белите дробови.
Кога се бањате, на завесата се задржува нечистотијата, а Сауроновата армија од микроби и други невидливи штетници, од завесата преминуваат на вашето тело. Парадоксално е тоа што ордата агресивни микроорганизми нè напаѓаат додека од себе ја чистиме нечистотијата. Најверојатно никому не му е пријатно кога влажната завеса ќе му се залепи на телото, додека се опушта со топла бања.
Затоа, секој треба да дејствува превентивно – завесите често да се менуваат, минимум на шест месеци, барем еднаш неделно треба да се исперат во машина за перење алишта, или во раствор од варикина и зовриена вода, и да се дезинфицираат со хлор. Откако ќе се избањате, целосно раширете ја, за да може побрзо да се исуши, бидејќи секоја капка вода што се задржала на неа, е потенцијално жариште на бактерии.
Сето ова се однесува на тие луѓе што користат пластични завеси, што, според најновите истражувања, емитираат отровни хемикалии
штетни за човекот, но и за животната средина. Ако сте во можност, заменете ги со завеси од полиестер, од други природни материјали или пак вградете стаклен параван околу тушот.