X
 08.05.2018 Здравје

Дали ги собувате чевлите пред да влезете во нечиј дом или не, не е сеедно

Сте биле во два типа домови: оние каде што не можете да правите ништо пред да ги собуете обувките на влезот и оние каде што е сеедно, никому не му е гајле дали ќе влезете со чевли. Но, од научна гледна точка, дали треба да ви е гајле? Дали навистина е гадно да шетате со чевли низ домот?

Не е драматично да побарате од некого да ги собуе чевлите кога ќе ви влезе дома. Во зависност од ситуацијата, тоа е сосема валидно барање. Размислете: ѓоновите на вашите чевли минуваат по паркинзи, јавни тоалети, калливи тротоари, лепливи подови во ресторани и многу други површини. Секогаш кога вашите чевли ќе дојдат во контакт со некоја од овие површини, може да соберат нешто.

Идејата дека може да донесете мали микробиолошки отпечатоци од јавен тоалет во вашата дневна соба е малку одвратна, но дали тоа е опасно? Па, не сите микроби што ќе ги соберете се опасни и патогени, иако може да бидат. Според истражување од 2017 година направено од страна на истражувачи од Универзитетот во Хјустон, 26,4 отсто од чевлите ја носат со себе бактеријата Clostridium difficile, која може да предизвика дијареја и воспаление на дебелото црево. Други студии покажуваат дека на чевлите се наоѓаат и значителни количини од Listeria monocytogenes и Escherichia coli.

Кога станува збор за тоа дали ова е сериозно, прашањето станува посложено. Ако сте здрава возрасна личност, која релативно редовно може да си го чисти домот, нештата на вашите чевли веројатно не се ништо. Од друга страна, ако имате мали деца, нештата може да станат сериозни.


- Малите деца се во многу поинтимен контакт со подот отколку возрасните. Ако сте собрале некои заразни честички и сте ги донеле на вашиот под, а имате двегодишно дете кое си игра на подот, тоа станува многу веројатно сценарио во кое би можело да дојде до инфекција - објаснува Меган Меј, доцент по микробиологија и заразни болести.

Истото важи и ако во домот живеат постари лица или ако некој е на хемотерапија.

- Просечно лице можеби може да внесе одреден број патогени без да се разболи, но кај имунокомпромитираните лица тој број е многу, многу низок - додава Меј.

Дали вие ги собувате чевлите пред да влезете во нечиј дом? Можеби не е нешто сериозно, но во одредени околности може да донесе лоши вести. Затоа, подобро да се спречи отколку да се лечи.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје