X
 26.04.2021 Наша тема

„По скалилата на успехот“ со Рамадан Шукри: Младите треба да ја продолжат традицијата на нашето музичко културно богатство

Нивните лични квалитети им донеле голем професионален успех. Денес тие се членови на менаџерски тимови и ги водат најуспешните компании во земјава. Ова се приказните на нашите успешни луѓе што ќе ги објавуваме во рубриката „По скалилата на успехот“. Факултети.мк и Едукативниот центар на „Пивара Скопје“ преку обуката „Вештини за успех“ ви го покажуваат патот до ѕвездите

Целиот живот ѝ го има посветено на музиката. Пораснат е во музичка фамилија, а и самиот тој успешно одгледа свое музичко семејство - неговите деца се веќе етаблирани во оваа уметничка гранка. Станува збор за нашиот маестро Рамадан Шукри. Тој е контрабасист, и тоа 44 години како вработен во рамките на Македонската опера и балет, сè до неговото пензионирање. Но, тоа е само дел од богатиот музички опус на Шукри. Неговата педагошка улога е исто толку важна. Тој е одговорен за музичко обликување на илјадници млади умови во изминативе речиси пет децении. Во 1981 година го основал мандолинскиот оркестар при МКЦ, каде што работел до 2001 година. Во 2001 година на предлог на Град Скопје, заедно со син му Ерхан Шукри, го формирал сегашниот мандолински оркестар, „Скопје“, со кој работи и освојува награди. Досега има едуцирано илјадници ученици и членови-мандолинци.



Покрај низата награди со своите оркестри, во 2014 година Шукри стана добитник на наградата „11 Октомври“, што е нашето највисоко признание во областа на уметноста, науката и други дејности.
- Роден сум во Ресен, а пораснав во Битола. Израснат сум во музичко семејство. Баба ми беше игроорка, а татко ми беше тапанџија и песнопоец. Главниот виновник за да се заразам со музиката е татко ми. Во нашиот дом најчесто се слушаше македонска музика бидејќи татко ми ја пееше во разни пригоди, свадби и слични приредби. Како мал, најмногу ме привлекуваа детската и фолклорната музика - вели Рамадан.

Контрабасот му е прва љубов

Негова прва музичка љубов е контрабасот. Рамадан на 15-годишна возраст одлучил да ја изучува музиката со тоа што се запишал во музичкото училиште во Битола. Таму, покрај контрабасот, на самиот почеток го изучувал и пијаното.
- Музика почнав да изучувам на петнаесетгодишна возраст кога се запишав во музичкото училиште во Битола. Почнав со два инструмента, а тоа беа контрабас и пијано. Првите музички чекори ми беа во музичкото училиште кај професорот Томе Јанакиевски по контрабас и професорката Јасминка Чакар по пијано. Контрабасот ми е примарен инструмент. Беше дефицитарен инструмент и на предлог од професорот Михајло Николовски, кој беше и директор на музичкото училиште во Битола, јас бев прв запишан ученик на тој инструмент и воопшто не згрешив.
Претходно свирев на ударни инструменти.



И да не бев музички образован, пак ќе се занимавав со музика


Уште од првиот контакт со музиката Рамадан знаел дека сака да се занимава со тоа цел живот. Секојдневно посветен на инструментот, тој ниту имал желба ниту време за други активности. Едноставно бил решен да ја совлада музичката уметност најдобро што може. Средното музичко образование го завршил како одличен ученик, а еднакво успешен бил и на Факултетот за музичка уметност. Тој смета дека образованието многу му помогнало во градењето како професионален музичар, но и да не било тоа, сепак ќе се занимавал со музика, со оглед на големата љубов што ја има кон неа.

- Веднаш сфатив дека музиката ќе биде мојата животна определба. Никогаш не сум имал амбиции да бидам нешто друго. Таа е мојот живот. На инструментот посветував многу време. Речиси цел ден, по три-четири часа по часовите, односно наставата, посветував на вежбање на контрабасот и на пијаното. Во средното музичко образование бев одличен ученик. Во Скопје го завршив Факултетот за музичка уметност, исто така како одличен студент.


Омилени предмети од стручните ми беа хармонија, контрапункт и фолклор. Но, исто така, и педагогијата и психологијата ми беа омилени. Сепак, и да немав формално музичко образование, ќе се занимавав со музика затоа што многу ја сакам - кажува Рамадан.

По некоја среќна околност се вработив во МОБ

Уште додека студирал, Рамадан имал желба да им го пренесува знаењето на помладите. Свирењето му било во преден план во тој период, но посакувал по завршувањето на факултетот да биде и педагог. Со самиот факт што свирел инструмент што тогаш во Македонија ретко се изучувал, му се понудила можност уште како студент да се вработи во Македонската опера и балет. Тоа му донело одредена стабилност и сигурност дека ќе може непречено да учи, да твори и да живее во главниот град, а притоа да има своја матична куќа каде што е вработен.



- Додека студирав, главна амбиција ми беше да бидам музички уметник и педагог. По некоја среќна околност се вработив во МОБ, како дефицитарен кадар. Тоа ми помогна финансиски и материјално да му помогнам на татко ми и моето семејство во Битола. Секако, тоа ми помогна и да ги подмирам трошоците во Скопје. Размислував да заминам на студии во други градови, како Загреб, Сараево, со цел да го доусовршам мојот инструмент, контрабасот. Но за да останам во Скопје, пресудно беше што првпат се отвори отсекот контрабас на високата музичка школа, сега ФМУ, и се случи јас паралелно да студирам кај професорот Томислав Трпковиќ и да работам во МОБ.



Едуцирајте се, вежбајте и свирете во живо

Рамадан има музицирано со едни од најголемите имиња во тогашна Македонија. Доволно е да се спомене дека има свирено со Народниот оркестар на МРТВ, каде што настапувале низа наши музички легенди. Бидејќи веќе има изградено легендарен статус како музичар, но и како педагог, моравме да го прашаме и за неговите главни совети кон помладите музичари.



- Освен мојата работа во МОБ, „тезгарски“ не сум свирел. Но, сум свирел во Народниот оркестар на МРТВ со сите наши вокални и инструментални солисти, доајени на нашата македонска музика, кои беа снимени и пренесувани на МТВ и како трајни снимки во Македонското радио. Како педагог работам речиси пет децении. Моите совети кон младите би биле постојано да работат, да вежбаат на нивните инструменти. Да се едуцираат музички за да можат да им го пренесат нивното искуство и знаење на помладите генерации. Постојано да бидат на концертните подиуми за да го покажат тоа што го поседуваат, а со тоа ќе овозможат продолжување на искуствата и на традицијата на нашето музичко културно богатство - завршува Шукри.



Фото: приватна архива
Подготвил: Никола Петровски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема