X
 08.10.2016 Култура

Која жена беше инспирација за ликот на Бети Буп?


Бети Буп е еден од најпрепознатливите анимирани ликови на светот. Сепак, приказната за потеклото и жената што беше инспирација за овој лик, сè уште не е докрај разјаснета.


Бети Буп


Бети Буп е еден од најпознатите цртани филмови во светот. Ликот е создаден  во студиото Флајшер каде и дебитираше на 9 август 1930 година, и оттогаш започнува популарноста која трае и денес.


Судењето на Бети Буп

Како инспирација за изгледот на Бети Буп, послужи имиџот на сите тогашни познати американски забавувачки од кои највпечатлив бил оној на пејачката Хелен Кејн. Аниматорот и творецот на ликот Бети Буп, Грим Нејтвик, врз основа на песната „Bup-Bup-A-Dup“ во изведба на Хелен Кејн, го создаде  цртаниот лик што комплетно ѝ прилегаше.

Хелен Кејн во 1932 година покрена тужба против Макс Флајшер и Парамаунт студиото и побара отштета од 250.000 долари заради искористувањето на популарната фраза "bup-up-a-dup" од нејзината песна "I wanna be loved by you".


Хелен Кејн


Судењето траеше две години. Хелен  бараше отштета затоа што со пренесувањето на нејзиниот изглед на Бети биле прекршени нејзините човечки права, затоа што хероината на цртаниот филм ѝ правела „нелојална конкуренција“.

Бони По и Марџи Хајнс сведочеле во корист на одбраната, затоа што и двете ѝ го позајмувале својот глас на анимираната убавица, пишува порталот Allday.com.


Премногу сличности и некоја разлика

Проблемот со докажувањето на тврдењата на Хелен Кејн беше во фактот што во тоа време начинот на облекување, шминката и „боб“ фризурата на Бети потсетуваа на многу пејачки и актерки од тој период. На пример, на Клара Бов, познатата актерка од ерата на немиот филм.

Сепак, Хелен не се откажуваше, тврдејќи дека не станува збор за непристојниот изглед толку колку што беше препознатлив гласот и "bup-up-a-dup" звукот на Бети во филмот.

Судењето наскоро се претвори во наддавање чиј "bup-a-dup" повеќе наликува на оној на цртаната хероина, а најголем проблем имале стенографите кои се обидувале секое сведочење да го запишат прописно.
Менаџерот Луј Болтон сведочел дека Естер Џонс, афроамериканската пејачка од "Cotton Club" во Харлем, прва ги применила „bup-овите“, долго време пред Кејн.


Естер Џонс


Благодарејќи ѝ на снимката од овој клуб, се докажало дека начинот на пеењето со истата "bup-dup" фраза, оваа убавица со темен тен го користела неколку години претходно, и дека најверојатно Кејн ја преземала, бидејќи и самата била чест посетител на овој клуб. За жал, снимките со гласот на Естер Џонс, кои се преслушувани на судењето, веќе се изгубени, а и малку податоци постојат за оваа пејачка. Денес се смета дека била почината пред почетокот на судењето.

Судењето на крај завршило без вистински победник – Кејн и натаму продолжила со тврдењето дека таа е инспирацијата за ликот на Бети Буп, а провокативната цртана хероина продолжила со изведувањето на своето, сè попопуларно "bup-a-dup", во секој цртан филм во кој се појавувала.

Во децениите што следеле, популарноста на Хелен Кејн бледнеела и заминала во заборав, исто како и Естер Џонс. Но Бети Буп живее и денес...


Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура