Пејсажот на далечниот остров Сокотра изгледа како симнат од некој научно-фантастичен филм, а всушност еволуирал така што наликува на „изгубениот свет“. Островот се одделил од африканскиот континент пред шест до седум милиони години, а природата тука ја покажала целата своја креативност и раскош. Слично како Галапагос, кој е познат по неверојатните видови на диви животни, Сокотра е дом на повеќе од 800 ретки видови флора и фауна.
Островот се наоѓа во Индискиот океан, на 250 километри оддалеченост од Сомалија и 340 километри од Јемен. Суровата средина се состои од песочни плажи, варовнички пештери и издигнати планини. Во поголемиот дел од годината овде владеат неподносливи горештини и пустински услови, што придонело до појава на препознатлив изглед на растенијата, кои се развиле така што да можат да ги поднесат и најнепогодните услови за живот. Некои видови се постари и од 20 милиони години.
Само Хаваите, Нова Каледонија и Галапагос имаат повеќе ендемски видови од
Сокотра. Центарот за блискоисточни растенија, што е дел од Кралските ботанички градини во Единбург, спроведе истражување и преброи дури 307 од 825 растителни видови кои не можат да се најдат на друго место во светот.