X
 11.10.2016 Технологија

Темната страна на вештачката интелигенција



Развојот на вештачката интелигенција би можел да придонесе за развој на нови видови паметни вируси и малвери, коишто хакерите би ги користеле за опасни напади.  

Вештачка интелигенција

Голем број луѓе имаат проблеми со вируси и малвери на своите компјутери, смартфони и таблети, а со развојот на вештачката интелигенција ваквите закани би можеле да станат поопасни. Дејв Палмер од безбедносната компанија Darktrace предупредува - кога еднаш ќе се искористи вештачката интелигенција за вируси и кога тие ќе станат „паметни“, последиците би можеле да бидат застрашувачки и катастрофални. Ваквите напади ќе бидат многу софистицирани, а покрај обичните корисници, под закана ќе бидат и големите компании коишто ќе се соочат со блокирани компјутерски ситеми, за кои ќе им бараат висока откупнина за деблокирање.

Ransomware е сè попопуларен меѓу хакерите и најчесто се користи за блокирање на компјутерите, а доколку корисниците сакаат да пристапат до податоците, мора да платат откупнина. За тежината на проблемот зборуваат случаите со блокирани компјутерски системи на болници и полициски станици, за кои дури ни полицијата не можела да најде решение и единствена опција ѝ била да плати откуп за да ѝ ја отстранат блокадата за пристап. Кога станува збор за обични корисници, откупот може да чини неколку стотини долари, но тој износ енормно се зголемува кога мета на нападите се големи компании.

Исто така, вештачката интелигенција ќе овозможи уште пософистицирани измами – читање на приватни пораки на електронските пошти и лажно претставување во преписките, благодарение на „украдениот“ стил на корисникот, доволно убедлив за да не се посомнева соговорникот. Луѓето лесно можат да бидат измамени, мислејќи дека се допишуваат со пријателите и колегите кои им праќаат прилог-фајлови со наводни фотографии и службени документи што се заразени со вируси кои овозможуваат преземање на податоците, заклучување на пристапот до компјутерот и сл.

Како потенцијално најопасни хакерски напади, Палмер ги посочи „невидливите напади“ за кои никој не може да знае, а се однесуваат на подметнување лажни документи и ширење лажни информации што можат да им направат голема штета на нападнатите. Еден таков пример е напад врз енергетски и нафтени компании со помош на софистицирани техники кои можат да продрат до најосетливите доверливи информации поврзани со географските податоци кои можат да ги менуваат и да ги наведат овие компании на погрешни места да бараат извори на нафта и плин, со што би претрпеле големи парични загуби за загубеното време.

Овој е еден од најрадикалните примери како начин на дејствување на хакерите и злоупотребата на вештачката интелигенција, а она од кое најмногу стравуваат безбедносните стручњаци кога е во прашање AI (artificial intelligence) се т.н. роботи убијци. Станува збор за роботи кои со години развиваат големи воени сили, а со кои управува вештачката интелигенција, додека тие самите избираат мети. Не треба ни да се споменува што би можело да се случи ако некој успее да ја преземе контролата врз нив.            


Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија