За да се добијат идеи за тоа како би изгледале градовите во иднина
Business Insider контактирал стручни лица од различни области што би можеле да споделат свои замисли.
Дан Докторов, извршен директор на одделот за транспорт на Гугл, најавил интерес за градење на т.н. „
паметни градови“ – места во кои интернетот е присутен во сите аспекти на живеењето. Во тие градови на сите жители би им била обезбедена квалитетна интернет врска и би можело да се собираат податоци за навиките на населението во сообраќајот и податоци за инфраструктурата. Луѓето би знаеле колку слободни место има во возовите и рестораните. Автомобили што функционираат без возач се исто така дел од замислата, а тие ќе се ориентираат по податоците за другите автомобили на патот.
„Со многу сензори што ќе прибираат податоци и ќе комуницираат еден со друг, градовите на иднината ќе почнат да мислат сами за себе“, изјавил Дејвид Пескович, директор за истражувања во Институтот за иднината (IFTF). Јавниот и приватниот превоз симултано ќе се координираат за патиштата да бидат безбедни. Тој верува и дека ќе постојат сервиси што ќе предвидуваат што им е потребно на луѓето и она што е потребно ќе се добива на врата пред да се претпостави дека ќе постои потреба од тој производ.
Сите експерти што Business Insider ги консултирал верувале дека градовите на иднината ќе доживеат револуција во превозните средства. Во следната деценија, автомобилите ќе се самоуправуваат, ќе бидат електрични и ќе се користат заеднички. Само мал број луѓе ќе имаат автомобили дома. Претпоставките се дека тие ќе се користат и како мини канцеларии затоа што нема да е потребно да се насочи вниманието на возењето. Времето додека патниците се возат ќе се користи за други потреби.
Со многу повеќе луѓе, а помалку автомобили, голем дел од просторот од улиците ќе се искористи за стамбени комплекси со микро-апартмани.
Според Род Фалкон од IFTF Институтот јавните простори ќе имаат уште повитална функција во новите градови. Кога луѓето ќе живеат во мали станови, во нив ќе нема место за прием на гости. Исто така, тој дополнува дека голем дел од патиштата ќе се претворат во велосипедски патеки и дека природата на работењето ќе се смени. Роботиката и вештачката интелигенција ќе стапат на сила, а луѓето на компаниите ќе им бидат потребни за креативни проекти. Според него, вмрежувањата од типот на Tinder (социјална мрежа за состанување) ќе имаат уште поголема улога и ќе бидат попаметни во иднина.
Брукс Реинвотер, директор на City Solutions – компанијата што носи слободен безжичен интернет во Њујорк, вели дека во иднина ќе се инкорпорира и препознавањето на лица и предмети, на пример за безбедност на аеродромите и домовите. Во дел од изјавите е и идејата за градови што 100% функционираат на обновлива енергија.
Што мислите Вие, какви ќе бидат градовите на иднината?