X
 25.11.2020 Живот

Ова ќе бидат најбараните вештини во 2025 година

Половина од сите вработени ќе треба да ги надградат вештините во следните 5 години поради зголемената автоматизација на работните места и промените поттикнати од технологијата. Ова е заклучокот на третото издание на извештајот за работните места на иднината, кој го објавува Светскиот економски форум.

Во извештајот се проценува дека до 2025 година 85 милиони работни места може да бидат сменети поради поделбата на трудот помеѓу луѓето и машините. Меѓутоа, оваа поделба ќе доведе до создавање нови 97 милиони работни места.

Поголемото користење на технологијата ќе значи и побарувачка на соодветни вештини. Се претпоставува дека 50% од работниците ќе треба да ги сменат вештините во следните 5 години.

Критичкото размислување и решавањето проблеми се наоѓаат на врвот на вештините кои се очекува да бидат барани во следните 5 години. Ќе се бараат и работници што ќе бидат подготвени за активно учење, ќе бидат толерантни на стрес и ќе покажуваат флексибилност. На листата со најбарани вештини ќе бидат и технолошките вештини и креативноста.


Фото: Pixabay

Топ-10 вештини во 2025

1. Аналитичко размислување и иновација
2. Активно учење и стратегии за учење
3. Решавање комплексни проблеми
4. Критичко размислување и анализа
5. Креативност, оригиналност и иницијатива
6. Лидерство и општествено влијание
7. Користење, следење и контрола на технологија
8. Дизајн и програмирање на технологија
9. Отпорност, толерантност на стрес и флексибилност
10. Размислување, решавање проблеми и предложување идеи.

Во извештајот се покажува и дека поголемиот дел од раководителите денес очекуваат од вработените да добиваат нови вештини на работното место, а во некои индустрии, како потрошувачката и здравствената, работниците ќе мора да ги учат новите вештини релативно брзо.

Платформата за онлајн-курсеви „Курсера“ вели дека се доволни еден до два месеца за да се научи една од вештините што се очекува да бидат најбарани во идните 5 години кога станува збор за професиите во културата, пишувањето, продажбата и маркетингот.

Во поглед на развивањето производи и вештачката интелигенција, работниците ќе треба да издвојат два до три месеци за да научат нови вештини, а времето потребно за учење нова вештина е поголемо за инженерските професии. 


Автор: Кејт Вајтинг
Извор: weforum.org
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот