Жените денес го слават 8 Март, Меѓународниот ден на жената. По тој повод објавуваме пет песни напишани за жените од страна на некои од најголемите македонски писатели.
Прочитајте како Конески, Тодоровски, Поповски, Шопов и Андреевски ги опеале жените, вечната муза за творење.
Песни за жената - Гане Тородовски
1.
Жената е... жената е ...
Бело маче годиначе,
речна слатка тресопатка,
вита ива миризлива,
мека трева што подгрева,
боцкав венец крај кладенец,
мрава, сешто што преправа,
кревко птиче назимниче,
тивка соба во злодоба,
прва љуба до прељуба,
свила што се распостила,
лето в сенка засолнето,
глина полна сончевина,
утро в сина виделина...
2.
Жената е... жената е ...
гиздавица, жегавица, кивавица,
лизгавица, лигавица, ждригавица,
брадавица, државица, ракавица,
секавица, плусквица, букавица,
кукавица, валавица, палавица,
рскавица, витлавица, капавица.
брблавица, наздравица, и — лавица!
3.
Жената е... жената е ...
Мома грда немаЖЕНА,
мома лична премаЖЕНА,
мома вредна трижмаЖЕНА,
млада вдова натаЖЕНА
пресна плуска раздраЖЕНА,
прва љубов разнеЖЕНА,
доцна вечер поснеЖЕНА,
златна лира обжеЖЕНА,
злост трижклета наеЖЕНА,
жед в сто грла намноЖЕНА,
ѕвезда в дланки доблиЖЕНА,
младост в жили раздвиЖЕНА,
мајка кутра загриЖЕНА,
сказна долга најслоЖЕНА,
жар во искри разлоЖЕНА,
желба в живот продолЖЕНА,
немаштина задолЖЕНА,
моќ со занес воруЖЕНА,
нејаснина опкруЖЕНА,
таа ЖЕНА ... ЖЕНА ... ЖЕНА!
4.
Жената те... жената те ...
загледува, подгледува, надгледува,
завабува, забавува, заграбува,
преграбува, заслабува, доабува.
настрвува, зацрвува, оветвува,
расчувствува, блаженствува, тиранствува,
поседува, последува, проследува,
прославува, исправува, претставува,
прејадува, појадува, дојарува,
подгребува, прегребува, погребува,
досадува, засладува, подмладува,
зацедува, прецедува, доцедува,
у-ва, а-ва, и-ва,
да е жива! да е жива!
Извор:
okno.mk
Тркалезни форми – Петре М. Андреевски
(Пофалба на жената)
Тркалезни ти се очите
и местата од кај што ме гледаш,
управувајќи со моите движења.
Тркалезна ти е устата
што ги оданочува зборовите
и што ја прославува насмевката.
Тркалезни ти се рамената
и тркалезен ти е вратот
што е единствено скеле од каде
сета татковина е видлива.
Тркалезни ти се дојките
што се подвижни камбанарии
и подигнати пушки од заседа.
Тркалезни ти се брадавиците
и медното саќе на нив
и млечниот рудник, првата почва,
првата средба со исхраната.
Тркалезни ти се слабините,
тркалезно што се шират,
рамномерно што се враќаат.
Тркалезна ти е половината
и ветрот што се врти околу неа,
како колцето околу оската,
како преѓата околу вретеното.
Тркалезен ти е папокот
што е лузна на раѓањето
и сеќавање на точката
откај што тргнал животот.
Тркалезни ти се колковите
од кои се одбива светлината
што е единствено вратниче
за во мракот и за в помрачина.
Тркалезни ти се колената
што ги чекам да ми проговорат
и тркалезни ти се петиците
што те одделуваат од земјата.
Тркалезна ти е прегратката
кога ме љубиш, кога те љубам
и тркалезна ти е солзата
кога од мене се разделуваш.
Тркалезна ти е трпезата
на која ручаш и вечераш,
а и лебот и садовите,
ко трпезата се тркалезни.
Тркалезно ти е јаболкото
што го честиш со устата
и тркалезно е виножитото
во лубеницата што ја отвораш.
Тркалезна е водата
што ја зафаќаш со грстите
и водата кога ти прави место,
помагајќи ти да се искапиш.
Тркалезно е и семето
што го засејуваш во нивата
и тркалезен е надолу патот
по кој слегува неговиот корен.
Тркалезно е сонцето и сончогледот
што изгрева заради тебе,
заради твоите тркалезни форми
без кои и јас не знам кај би гледал.
Убавите жени - Блаже Конески
Убавите жени во мојот народ
тие брзо прецутувале
како цут од кајсија
како мајски јоргован.
О неправда!
Тие им припаѓале на неизбрани мажи,
нивните коси дење сплетени во прцлиња
ноќе распуштени по градите и колковите.
Нивниот постап на препелица
набрзо го сопинала унечка,
нивната младост поминувала
како мирис на липа што го одвева ветрот.
Набрзо тие седнувале на порта
со наведната глава и издадени коленици,
со нечујна издишка.
Убавите жени, несреќните жени
тие брзо прецутувале
како цут од кајсија
како мајски јоргован.
Во сонот на црната жена - Ацо Шопов
Телото твое црна маслина,
најтемна бронза, најдлабок звук,
звук од там-тамите на твоите претци, од нивните старински кори*.
По небото на твоето тело заорува невидлив плуг
и од црните бразди
секавично изгреваат сите потопени зори.
Телото твое неуморен ритам,
крвоток на океанот,
светлина темна што ме води по патека опасна и тeснa,
од детство што ме прогони,
од порано, уште од утробата мајчина,
од првите зачетоци, најнесвесните.
Сега разбирам зошто не успеав да ти испеам ниедна песна
зашто самата си песна над песните.
Исплашен и страшен
стојам под небото на твоето тело
од твоите црни магии вџашен.
Ти ме разболуваш и ти ме лекуваш,
и ми велиш: јас сум твоја ноќ и твоја вечна луна,
биди спокоен, тука ќе векуваш,
мојот сон е пострашени од најстрашната буна.
Луна, црна луно,
од твоите магии вџашен
немам збор да ти противречи,
немам сила да ти се спротивстави.
Луно, црна буно,
незарасната, неизлечена рано,
неусетно паѓам и тонам во твојот сон
како афричко сонце во океанот.
Таа – Анте Поповски
Никојпат не е таа сама.
Таа се две: онаа која бесконечно молчи
и онаа која го слуша моето молчење.
Никојпат не е таа сама.
Таа се две: онаа која бесконечно чека
и онаа која влегува во своето чекање.
Никојпат не е таа сама.
Таа се две: онаа што е распната
и онаа која ги кове клинците врз себе.
Оваа песна до бесконечности продолжува
зашто никојпат не е таа сама:
сама се чита – сама се пишува:
Сама себеси врата – сама себеси клуч.
Фотографии: Pixabay