X
 10.05.2018 Култура

Денот кога гореле книгите!

На денешен ден, пред 85 години, на берлинскиот плоштад нацистите го организирале првото јавно горење на книгите што наводно не одговарале на германскиот дух.

- Ги насочивме нашите акции против негерманскиот дух. Сè што е негерманско му го предаваме на огнот - извикал нацистичкиот студентски лидер Херберт Гутјахр пред насобраниот народ. Пред нив на берлинскиот плоштад имало огромен оган што полека ги голтал книгите. Освен во Берлин, книгите гореле во повеќе од двесте германски градови и места.

1

Студентите од универзитетите на палење однеле повеќе од 25.000 книги што наводно не одговарале на германскиот дух. Станува збор за книги од еврејски автори, социјалисти, па и христијани што не ги поддржувале нацистите. Биле запалени книгите на еврејските автори Ајнштајн, Фројд, Верфел, Брод и Кафка, а биле запалени и книгите на Карл Маркс, Фридрих Енглес, Бертолт Брехт, Лав Троцки, а не биле поштедени ниту книгите на Хемингвеј и Келер. Огнот ги проголтал и книгите на Виктор Иго, Пруст, Малро и Велс.

Биле запалени и песните на германскиот поет Хајнрих Хајне, кој 110 години пред тој ден напишал: „Онаму каде што се палат книги, на крајот се палат и луѓе“. Било запалено сè што нацистите верувале дека го загрозува „ариевскиот“ дух и го уништува германскиот народ.

На собирот зборувал министерот за нацистичка пропаганда, Гебелс.

- Не за декаденцијата и моралната корупција! Да за пристојноста и моралноста во семејството и државата. Германци и Германки! Периодот на претеран еврејски интелектуализам е сега завршен, а пробивот на германската револуција повторно го ослободува патот за германската мисла - изјавил тој.

Додека траело палењето на огнот, цело време оркестарот свирел националистички маршеви.

2

Авторот на меѓународно познатите детски книги како „Емил и детективи“, Ерих Кестнер, чии книги биле запалени тој ден, бил сведок на палењето на книгите.

- Стоев пред универзитетот, меѓу студентите облечени во нацистички униформи, цветот на нацијата, и гледав како нашите книги горат во пламенот - напишал подоцна Кастнер.

Германскиот книжевник и член на нацистичката странка, Волфганг Херман, на 26 март 1933 година објавил листа на книги за кои сметал дека треба да се отстранат од секојдневието. Официјалниот наслов на листата бил: „Листа на книги што вреди да се запалат“. Листата е надополнета и повторно објавена на 10 мај 1933 година во официјално списание на германски книжевници.

3

Светските медиуми на палењето на книгите реагирале со ужас. Американскиот магазин „Њузвик“ ова уништување го нарекол „Холокаустот на книгите“. Биле организирани протести во Њујорк, Филаделфија, Кливленд и во Чикаго.

Откако книгите биле запалени, многу интелектуалци, писатели и академци биле уапсени, а многумина ја напуштиле татковината.

- Германија, која тогаш имаше голем број добитници на Нобеловата награда, никогаш не закрепна од последиците од ова горење. Голем број интелектуалци и научници ја напуштија Германија откако нацистите дојдоа на власт - изјави пред 5 години Норберт Ламерт.



Писателот Оскар Марија Граф, радикален баварски социјалист, бил еден од ретките што го кренале гласот. Неговите книги не биле на листата на „непосакувани книги“, а нацистите ги одобриле неговите дела и ги прогласиле за пожелни за подемот на германската младина, но тоа не го спречило писателот да го критикува настанот.

- Запалете ме! Ова непочитување не го заслужив! - напишал Граф.

Тоа не се случило, но неговите дела веќе наредната година биле забранети. Му било одземено државјанството и морал да си замине.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура