Текстот на Григориј Јакушев, поранешен вработен во Google, првично е објавен на Quora како одговор на прашањето
„Какво е чувството да ве отпуштат од работа од Google?“ Во него тој ги искажува личните искуства, а сторијата е дополнително уредена за да биде појасна.
По пет години работа во Google, минатата година добив отказ. Една година пред тоа забележав дека „се истрошив“ во работата: продуктивноста ми опадна приближно петпати.
Имав потреба нешто да сменам, затоа преминав во тимот за семантичко пребарување (тоа е кога при ваше пребарување ви се нуди директен одговор покрај листата на интернет линкови).
Направив грешка. Пребарувањето е најголем и најкомплексен производ на Google, а тимот за семантичко пребарување е еден од најмудрите. Со намалена продуктивност и истрошен, не само што не успеав да се вратам, туку уште повеќе заглавив.
Во тој момент односите со мојот менаџер и со директорот почнаа да се нарушуваат. Тие добија нов член во тимот од кој немаа никаква корист. Мојот менаџер најпрво сметаше дека треба да ме дисциплинира и ме натера да стојам пред компјутерот и мониторот при доаѓањето и заминувањето од работа. Нормално, тоа уште повеќе ја влоши ситуацијата.
Во приватен разговор ме прашаа зошто едноставно не заминам, на што им одговорив дека сум задоволен со платата во Google. Доколку Google не е задоволен со моите постигнувања, можат слободно да ме отпуштат, но самиот немам намера да заминам.
Во март бев вклучен во Програмата за подобрување на постигнувањата (PIP - Performance Improvement Plan). Станува збор за формален договор при што треба да прикажам позитивни резултати во следните два месеца. По една недела беше сосема очигледно дека нема да успеам.
Повторно имав состанок со службата за човечки ресурси и директорот ми се закани со отказ поради „големи недоразбирања“, без отпремнина или отказен рок. Конкретно мојот менаџер и директорот сметаа дека на некој начин го изигрувам системот и ја „молзам“ компанијата без притоа да вложам напор и да ја одработам мојата работа.
На крајот, не чекаа да измине рокот на програмата PIP и ми дадоа известување за отказ откако измина само една недела. Ги вратив мојата пропусница и компјутерот што го задолжив, а мојот менаџер ме испрати надвор од зградата. Сето тоа се случи приближно во рок од 10 минути. Истовремено, мојот службен Google акаунт беше затворен. Отидовме во кафе-барот во близина каде што ме почести пијалак, гест што особено го ценам.
Како што беше наведено во мојот договор за работа имав еден месец отказен рок. Тоа значи дека ќе бидам формално вработен, ќе добијам плата за тој месец, па дури и ако не ми биде дозволено да работам.
Google изготви писмо за препорака кон идниот мој работодавец во кое не наведе ништо од сето ова.
Се чувствував непријатно, што е нормално во ваква ситуација. Сметам дека лошиот пристап од страна на мојот менаџер и директорот кон мене беше непотребен – лошо е чувството кога твојот претпоставен нема доверба во тебе. Ме третираа за лажго без експлицитно да го кажат тоа. Моите колеги не знаеја ништо за овој процес и во принцип ми дадоа поддршка. Тоа се најверојатно најпаметните луѓе со кои некогаш сум работел.
Целосно го надминав тој период. Се вратив во нормала. Промената на тимот не ми помогна, но промената на компанијата... секако.