X
 25.10.2016 Здравје

Сѐ што треба да знаете за дислексијата



Проблемот со дислексијата


Еден од пет луѓе има дислексија. И покрај ваквата распространетост, родителите и наставниците не можат да ја препознаат кај децата и не ја разбираат. Минатата година, американскиот сенат донесе резолуција каде дислексијата е дефинирана како неочекувана тешкотија при читањето кај некои луѓе кои имаат интелигенција што би им овозможила да читаат многу подобро. Поради тешкотиите при читањето, кај овие луѓе се јавуваат проблеми во говорот, при читање, пишување и учење.

Изминатите осум години, две компании, Dyslexie и Open dyslexic, дизајнираа фонт (гарнитура од букви) што би требало да им помогне на дислексичарите. Фонтот вклучува букви со здебелено дно и „опавчиња“ со различна должина. Фонтот може да има и поголем простор од вообичаеното меѓу буквите.

Посебен фонт за дислексичарите

Според клиниката Мајо, дислексијата вклучува читање под степенот постигнат меѓу врсниците, проблем во процесирањето и разбирањето на прочитаното, тешкотии при брзо разбирање на упатствата, тешкотии при слушање и забележување разлика меѓу букви и зборови, неможност за изговарање зборови и тешкотии при пишувањето.

Жанет Вашингтон, директорка на компанијата што ги подготвува наставниците да ја разбираат дислексијата, вели дека фонтовите за дислексичари многу им помагаат, бидејќи тие луѓе имаат проблем и со ориентацијата. Поради тоа се збркани во врска со насоката десно, лево, горе и долу. Фонтовите им овозможуваат да ја воочат разликата помеѓу буквите. Но, стручњаците не го делат истото мислење за корисноста на фонтовите.

Способноста на детето да го процесира јазикот

Дислексијата не е нова болест. В. Прингл Морган во 1896 година во списанието British medical journal пишува за едно дете кое не можело да чита и да учи. Пред 100 години тоа се сметало за проблем со видот, па на пациентите им препорачувале вежби за очите. Сели Шејвиц, ко-основачка на Центарот за дислексија на Универзитетот Јеил, наведува истражување во кое се вели дека децата со дислексија не се нужно наклонети кон менување на букви, слогови и зборови. Таа укажува на тоа дека дислексијата е поврзана со способноста на детето да го процесира јазикот.

Моментните лингвистички модели за читањето и дислексијата објаснуваат зошто некои од најинтелигентните луѓе имале тешкотии при читањето и со други задачи поврзани со јазикот. Таа смета дека тоа објаснува зошто фонтот нема да им помогне на дислексичните луѓе. Фонтот само дава брз одговор на комплексното прашање. Сè уште не е изработена ниту една студија за ефикасноста од фонтовите за дислексичари.

Дијагноза за помалку од пет минути

Дислексијата секако не е проблем што лесно се решава. Шејвиц ги советува родителите да се обидат што порано да ја воочат дислексијата кај своите деца. Постојат тестови што можат да ги направат стручњаци и да дадат дијагноза во рок пократок од пет минути.

Ако детето има дислексија или проблеми со читањето, потребно е да им се укаже на наставниците и заедно да се работи на олеснување на проблемот што ќе помогне за изговарање и декодирање на зборовите.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје