X
 03.03.2018 Живот

Образованието на умот без образование на срцето не е никакво образование

интелигенција

Емоционалната интелигенција е способност за препознавање на чувствата. Емоционално писмените луѓе се свесни за своите доблести и маани, одлично ги проценуваат другите луѓе, прифаќаат промени и не се навредуваат лесно.

Образованието на умот без образование на срцето не е никакво образование - за ова одамна говорел Аристотел. Но не го послушавме, истражувањата покажуваат дека повеќето луѓе сакаат да ја искажат мудроста, а не емоцијата. Ако ги разбираме нашите чувства, често не размислуваме зошто тие се тука, не умееме да ги изразиме или не ни е во интерес да ги преиспитаме. Затоа ни е тешко да си се приближиме на себеси или на другите, како и да изградиме подлабоки и поквалитетни односи. За тоа што уште се случува во отсуство на емоционалната интелигенција, зошто е таа важна, колку ни го олеснува и разубавува животот, како да препознаеме кај кој човек е развиена, зборува д-р Зоран Миливојевиќ.

„Тоа се оние луѓе што ги нарекуваме животни победници“, вели Миливојевиќ, автор на книгата „Емоции - психотерапија и разбирање на емоциите“. „Накратко, емоционално писмените луѓе имаат значајни предности во однос на другите. Подобро се запознаваат себеси, ги анализираат своите чувства, умеат да разликуваат разумни емоционални реакции од ирационални, и се во подобар контакт со себе. Поради тоа, повеќе ги сфаќаат другите и полесно се движат во социјалниот свет, реализирајќи успеси во сите сфери. Поотпорни се на стрес, па истражувањата покажуваат и дека се позадоволни - и ментално и физички“.

Не е едноставно да се измери коефициентот на емоционалната интелигенција, но истражувањето на компанијата „Телесмарт“, во кое учествувале милион луѓе, покажало дека луѓето што ја имаат можат да се пофалат со некои заеднички карактеристики. Тие се препознаваат по силниот, емотивен речник, свесни се за своите доблести и маани, одлично ги проценуваат другите луѓе, прифаќаат промени, не е лесно човек да ги навреди, знаат да кажат „не“, се тргаат настрана од негативните и „отровните“ личности, јасно им е дека совршенството е нереален занес.

Шанса и за манипулација


Знаењето за емоциите и подобрата процена на другите може и да се злоупотребуваат. „За многу цели човекот мора да се поврзе со другите. Тука помага емоционалната интелигенција бидејќи личноста знае како да вклучи некој што е посебен, умее да му пристапи, да се разбере со него, да го мотивира. Но благодарение на емоционалната интелигенција, може и да го изманипулира, што значи дека има скриена цел и ги претставува работите на невистинит начин“, објаснува Миливојевиќ.

„Кога некој е во состојба да ги препознае и именува своите емоции, тага, радост, бес, да ги поврзува со случувањата во надворешниот свет, тогаш многу подобро се сфаќа себеси, своите реакции, вредноста и начинот на кој се гледа себеси, а и другите.

Бебињата од седум месеци се во состојба да ги препознаат емоциите на луѓето што ги опкружуваат, во петтата година веќе знаат да разликуваат лажни од вистински чувства, а на 11 години се свесни за постоење различни емоции - токму затоа може да се каже дека емоционалната интелигенција е нешто што во најголема мера може да се научи. Затоа е потребна емоционална писменост.

„Тоа значи дека секој може да се описмени. Важно е да се стекне знаење за емоциите и да се примени на себе“, вели Миливојевиќ и наведува дека е важно кон чувствата да се направи дистанца за да можеме да ги преиспитаме, да процениме дали се примерни или не се, учејќи од грешките.

Филипинците - најинтелигентни


Истражувањата покажуваат дека највисок коефициент на емоционална интелигенција имаат жителите на Филипините и Салвадор, а најнизок Русите, Белорусите, Литванците и Сингапурците. Кога станува збор за професијата, за психолозите, психијатрите, социјалните работници, менаџерите и продавачите, се тврди дека се емоционално пописмени од другите.

Емоционално описменување


Една од најчестите дилеми е дали емоционалната писменост е предуслов за други типови интелигенција. Миливојевиќ објаснува дека интелигенцијата како таква е дефинирана како способност, додека емоционалната ги вклучува и односите со другите.

„Затоа емоционално писмените луѓе имаат развиени социјални вештини. Тие се вешти во комуникацијата со другите, додека некој што „не умее“ со луѓето не е емоционално интелигентен. Некои истражувања покажуваат дека оние што вршат психичко насилство врз врсниците во училиштата и бараат секогаш да биде по нивно имаат низок коефициент на емоционална интелигенција. Затоа е потребно во училиштата да постои програма за емоционално описменување на децата, за тие подобро да ги разберат другите, поуспешно да преговараат во конфликти и да стекнуваат пријателства“.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот