Групата острови Галапагос изобилува со див свет и е рај за биолозите и научниците. Дури и идејата за Дарвиновата теорија за еволуција води корен од овие острови.
Тие се најистраженото место на земјата и се многу заштитени. Познати се по џиновските желки, морските птици што не летаат и морските игуани. Но, и покрај огромниот број истражувања, природата и дивиот свет таму продолжува да изненадува.
Галапагос е дом на две групи
игуани: сувоземни и морски, а разликата меѓу нив е 4,5 милиони години еволуција. Морските игуани се единствени модерни влекачи кои може да ловат во морето. Големите канџи им овозможуваат да се фатат за карпестото морско дно и се претежно црни по боја, но забележани се и црвени и сини. Сувоземните се жолти и живеат на копно. На еден од ненаселените острови, Плаза Сур, двата вида прават нешто за кое само таму имаат можности: создаваат потомство.
Хибридните игуани може да се сретнат само на Плаза Сур. Прв ги забележал Хауард Снел, кој бил волонтер на Мировниот корпус на САД и од 1977 работел на проект за сувоземните игуани. Сега е професор по биологија на универзитетот во Ново Мексико. Во 1980та, со својот тим прв пат забележал игуана за која било очигледно дека се разликува од другите. Кога ја фатиле и втората, сфатиле дека се работи за хибрид. Во 1997 ова е докажано и со истражување на генетски материјал и објавено во студија. Докажано било и дека хибридите настануваат со мажјак од морските игуани и женка од сувоземните, а младите најчесто се црни, украсени со жолти ленти и имаат долги канџи наследени од таткото. Според професорот Снел, ако достигнат до 5 или 6 години старост, ќе живеат долго. Тој до крајот на проектот во 2000 година пронашол 16 вакви хибриди.
Во случајов хибридизацијата е дел од природниот процес и тоа оди во прилог на зачувување на нивното уникатно живеалиште. За сега хибридните игуани се стерилни и сочинуваат помалку од 2% од вкупниот број на игуани на Плаза Сур.