Минатата недела Џенифер Дудна и Емануел Шарпентие добија Нобелова награда за хемија за развивање на „КРИСПР Кас-9“ (CRISPR Cas-9), алатка за уредување гени. Но веста е горчливо-слатка бидејќи доаѓа во време на долгогодишна битка за тоа кој ја поседува методологијата.
„КРИСПР Кас-9“ е заснован на одговорот на имунолошкиот систем кај бактериите кој повеќе научници, вклучувајќи ги и Дудна и Шарпентие, го користеле со години за да создадат начин за уредување на несаканите генски мутации. Откритието на двете жени-научници отвори многу прашања за тоа како ќе се развива
технологијата и за етиката на користењето на ваквата алатка.
Дудна и Шарпентие се запознале во 2011 година, набрзо почнале да работат заедно и објавиле труд во кој се поставува начинот на користење на „КРИСПР Кас-9“ за правење промени во ДНК. Дудна објавила труд во 2013 г. за користење на техниката за менување на гените во животински клетки.
Меѓутоа, Фанг Џенг, научник на Технолошкиот институт во Масачусетс, објавил сличен труд четири недели пред Дудна, што го прави првиот човек што докажал дека алатката може да се користи за менување човечки клетки. Ова било почетокот на долгогодишна правна битка за сопственоста на системот „КРИСПР Кас-9“.
Во моментов двете страни расправаат за патенти за користење на системот за уредување на гените кај луѓето. Универзитетите на кои работат Дудна и Шарпентие биле првите што поднеле барања за патент, но институтот на Џенг платил за брза проверка на патентот и во 2014 г. му биле доделени неколку патенти во САД. Судот сè уште не одлучил која страна е првата што го измислила системот за уредување гени, а со тоа и кај кого би одел профитот од користењето на системот.
Главната тема на несогласувањето е дали било јасно дека методот на Дудна и Шарпентие би функционирал и кај луѓе пред Дудна да го објави својот труд во 2013 г.
Во меѓувреме, некои научници сметаат дека биле потрошени многу јавни средства на работата на системот, така што тој не би требало да биде ничија сопственост, а со тоа би се решил и спорот.
Автор: Рут Ридер
Извор:
fastcompany.com