X
 06.03.2018 Наука

Нова вакцина против рак со честички слични на вирус

Американскиот Национален институт за рак им додели грант од 2,4 милиона долари на истражувачи од Државниот универзитет во Мичиген за да направат вакцина против рак за животни, која ќе користи честички слични на вирус за да предизвика имунолошки одговор против рак. Иако вакцината за почеток ќе биде тестирана на животни, истражувачите се надеваат дека на крајот ќе развијат терапија за лекување луѓе.



Справувањето со ракот може да биде деликатно затоа што клетките на ракот можат да бидат способни да го потиснат имунолошкиот систем преку прикривање на протеините што предизвикуваат имунолошки одговор. Оваа вакцина се справува со тоа користејќи две големи компоненти: прво, Qβ-честички, кои всушност се слични на честички на вирус и служат како црвено знаме за имунолошкиот систем, и второ, јаглехидратни антигени поврзани со тумор (ТАЦА), кои се среќаваат во многу клетки на рак, но не и во здрави клетки.

Кога Qβ-честичките и ТАЦА се поврзани или измешани заедно, тие ефикасно ги учат имунолошките клетки дека сè што ќе најдат со ТАЦА е опасно и треба да биде уништено. Според професорот Сјуефеј Хуанг, кој го предводи истражувањето, теоретски ова треба да изгради антитумор имунитет на клетката.

- Нема подобар борец против болеста од имунолошкиот систем. Лековите и другите терапии може да остават клетки на рак зад себе и тогаш нема ништо останато да се бори со повторувањето. Нашата вакцина би го редуцирала растот на туморот и би штитела од повторен развој на туморот, објаснува професорот.

Истражувачите ќе ја проучуваат структурата на Qβ-честичките за да можат стратегиски да ги модифицираат за да ја редуцираат формацијата на токсичните антитела и да ги стимулираат посакуваните клетки што го убиваат ракот.

Ова не е единствената вакцина против рак што моментално се развива. Друг обид за градење имунитет против ракот користи матични клетки за поперсонализирана терапија. Персонализираните терапии стануваат сè поактуелни во истражувањата насочени кон борба против ракот, а една вакцина што клинички се тестира покажува значителна ефикасност против ракот на кожа.

Истражувачите од Мичиген се надеваат дека ќе имаат слични успеси, најпрвин преку лекување на ракот кај животните.

- Ракот кај кучињата и мачките е вистински тест за пристапот на вакцината против рак - вели Вилма Јузбасијан-Гуркан, истражувач на рак.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука