X
 22.11.2016 Култура

Полскиот замок во Украина што опстојува 500 години


Пидгирицки замок

Пидгирцкиот замок, изграден во текот на 17 век, се наоѓа во селото Пидгирци, во областа Лвов во западна Украина. Изграден од камен и тула, овој прикажуван замок е сместен во северниот дел на ридот Ворониаки, со поглед кон реката Стир.

Првично бил изграден како дом на хетманот Станислав Кониечполски, важен воен командант во Полско-литванскиот Комонвелт. Бил опкружен со лозје, градини во италијански стил, ровови, подвижни мостови и топови за одбрана од непријатели. Во рамки на замокот имало и зоолошка градина, рибник и мелница.     
Се верува дека архитектонскиот план е дело на италијанскиот архитект, Андреа дел Аква. Ентериерот бил поделен на два дела: западниот дел бил гостински, а источниот бил предвиден за семејството и слугите.
Цртежите на Александер Гријевски во доцните 1800-години, како и старите фотографии, покажуваат дека ентериерот бил облагороден со скап мебел, цртежи и исклучителни инсталации и драпери.
Стражарницата близу влезот била опремена со разни видови оружје што се користело во тоа време.
Подовите биле мермерни, а во секоја соба имало и мермерни камини. Кониечполски бил колекционер на автентични предмети што ги собирал за време на воените походи, па така во замокот имало и персиски килими и турски мебел.
Библиотеката ги содржела комплетните родослови на семејствата Кониечполски и Ржевуски.

Во 1646 година, кралот Владислав I Васа и неговата сопруга, Французинката Лудвика Марија Гонзага, биле импресионирани од посетата на Пидгирци. Своевремено, замокот ги угостил и царевите Франц Јозеф и Вилхелм II, последниот крал на Прусија.

Во 1646 година, Кониечполски починал, а замокот го наследил неговиот син Александер. Во 1648 и 1651 година, замокот бил нападнат од украинските Козаци, кои не успеале да ја пробијат високо утврдената зграда.

Наследникот Александер ја санирал штетата од нападите и успеал уште посилно да го заштити замокот.
Александер му го оставил замокот на својот син, кој пак, му го отстапил на Јакуб Лудвик Собиески, синот на кралот Јан III Собиески и Мари Казимир Луи де ла Гранж д’Аркиен.  

Пидгирцкиот замок повторно добил нов сопственик во 1725 година, кога братот на Собиески му го продал на хетманот Станислав Ржевуски, кој пак му го отстапил на својот син, Вацлав Ржевуски.

Вацлав направил многу промени во замокот, додавајќи трет спрат, театар и капела. Имал намера да го опреми со оригинални артефакти во сопственост на семејството Собиески.

Кога го привеле Вацлав во 1767 година во Русија, замокот бил ненаселен, а дел од мебелот бил понуден на аукција од страна на австриската администрација, која ги уништила внатрешните ѕидови на замокот.
Семејството Ржевуски и понатаму било сопственик на замокот, а го користеле за престој до 1869 година, кога бил отстапен на принцот Владислав Сангушко.

Во тој период се зборувало дека Вацлав, заслепен од љубомора, ја убил својата жена, притеснувајќи ја меѓу два ѕида, каде што и умрела.

Во 1915 година, за време на Првата светска војна, Русите успеале да ја освојат тврдината, а се користел и како седиште на Петтиот Австро-унгарски корпус. Русите го заплениле мебелот и ги уништиле подовите и ѕидовите.

По завршувањето на Полско-советската војна, полскиот принц, Роман Сангушко станал сопственик на замокот. Под закана на нацистите во Втората светска војна, Сангушко ги собрал преостанатите вредни предмети и ги понел со себе во Сао Паоло во Бразил.

Пидгирцкиот замок го зазеле Советите и го претвориле во санаториум за болни од туберкулоза, и функционирал до 1956 година, кога бил погоден од гром и се запалил. Пожарот ги однел со себе останатите цртежи и украси.

Штетата била проценета над 12 милиони долари. Во 1997 година, сликарската галерија во Лвов се ангажирала да го претвори замокот во музеј. За жал, состојбата на украинската економија предизвикала забавување на целиот процес.

Денес замокот стои напуштен и искршен, но редовните туристички тури се во насока да се поттикне инвестиција и враќање на стариот сјај на овој историски споменик.   
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура