X
 26.12.2016 Живот

Дневници на жителите ја откриле вистината за опсадата на Ленинград

Откритието од огромниот број необјавени дневници на луѓето кои живееле во Ленинград за време на Втората светска војна, дава нов увид во еден од најбруталните периоди на модерната историја.


Германските сили го опколиле Ленинград 872 дена, од септември 1941 до 27 јануари 1944 година, а за тоа време имало два милиони загинати, од кои 800.000 цивили. Градот кој денеска се нарекува Санкт Петербург останал без 40 проценти од своето население.

Дневниците ги складирала Алексис Пери, професорка по историја на Универзитетот во Бостон, која лично ги интервјуирала луѓето кои во текот на тој мрачен период биле деца. Таа вели дека сите ја зборувале истата приказна, за херојската борба, за отпорноста и колективната солидарност. Дневниците биле потполно поразлични од нивните приказни. Таа открила уште материјали во архивите на градот и се воодушевила од фактот дека во тој период толку многу луѓе пишувале дневници.
Дневниците ги откриваат вистинските размери на болка, глад и изолација, кои го уништувале секој аспект од секојдневието. Многумина напишале дека се чувствуваат како животни, како и искуствата и шокот што го доживеале кога наишле на исцрпени тела во локалните бањи, физички деформирани заради изгладнување.

Алексис Пери планира материјалите да ги објави во книгата со наслов : „Војната од внатре : Дневниците од опсадата на Ленинград“. Таа истакнува дека заклучокот од целиот материјал е дека смртта од глад е навистина мачна. Многумина кои воделе дневници не можеле да се препознаат во огледало. Тоа е тип на смрт која создава внатрешна дестабилизација, вели Пери.

Со падот на Советскиот Сојуз, многу дневници се сочувани во архивата на Комунистичката партија, но Пери открила дека тие се само половично прегледани, а многу не се ни регистрирани. Во дневниците ретко се спомнуваат Германците, жителите повеќе се фокусирале на сопствените животи и страдања. Голем број од нив се споредувале со Робинзон Крузо. Интересно е тоа што Советскиот сојуз долго време го прогласувале Даниел Дефо за херој и идеален социјалист, некој кој го гради општеството од темел.

Во еден од дневниците пишувало : „Мислам дека Робинзон Крузо бил среќник. Точно знаел дека е на ненаселен остров и мора да се потпре на самиот себе. Но, јас сум опкружен со луѓе.“
Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот