Чешки научници вршат
ДНК тестирања на облеката на првиот претседател на Чехословачка, Томаш Масарик, кои би можеле да ја потврдат тезата стара речиси еден век, според која Масарик бил незаконски син на австроунгарскиот цар, Франц Јозеф, пишува
BBC.
Иако се работи за хипотеза без конкретни докази, приказната за Масариковото тајно потекло е навистина интригантна и веќе со децении ги фасцинира историчарите и читателите.
Царот Франц Јозеф во декември 1849 година, престојувал на хабсбуршки имот во градот Ходонин на границата меѓу Чешка и Словачка. Станувало збор за краток одмор во посета на царската војска што ја задушила унгарската буна. Хабсбурговците имотот често го посетувале и сосема е возможно царот да бил таму и истото лето. Не бил истиот Франц Јосиф каков што го паметиме денес, со ќелава глава, строг поглед и импресивни мустаќи. Во 1849 година, Хабсбуршкиот цар бил деветнаесетгодишно момче.
„Сосема било нормално да му биде понудено женско друштво“, вели Марек Варека, историчар во Масариковиот музеј во Ходонин. Персоналот на имотот ги бирал најубавите локални девојки при посетата на царот. Тоа „женско друштво“ би можела да му го овозможи и Терезија Кропашчек, куварка на имотот во Ходонин.
Терезија Кропашчек во август 1949 година се омажила за Јозеф Масарик кој работел како кочијаш на имотот. Седум месеци по венчавката, го родила синот Томаш. Варека нагласува дека нема никакви докази дека Терезија и младиот цар некогаш се сретнале, особено дека делеле ист кревет. Сепак, тој факт не ги намалил претпоставките.
Терезија зборувала германски јазик и била десет години постара од својот маж, што било прилично необично за тој период. Томаш Масарик, пак, цел живот невидлива рака го влечела нагоре. Уште како дете се движел во аристократски кругови и работел како учител на најбогатите австриски семејства.
Откако бил исфрлен од училиште во Брно заради конфликт со директорот, необјасниво бил примен во една од најпрестижните школи во Виена. „Во Виена му помогнал шефот на полицијата, Антон фон ле Моние, кој бил човек од доверба на Франц Јозеф“, вели документаристот, Давид Вондрачек.
Вондрачек успеал да дојде до ковчег со облека што му припаѓала на Масарик. Оттаму собрал генетски материјал што го споредува со ДНК примерокот од неговиот син Јан, за да може да потврди дали навистина се работи за Масариковиот генетски материјал, а ако резултатот биде позитивен, ќе го спореди со примероците од живите Хабсбурговци. За неколку месеци, резултатите ќе ги соопшти Чешката телевизија.