X
 16.01.2016 Образование

Рајовиќ: Оставете ги децата сами да дојдат до решение, така им се развива мозокот

Д-р Ранко Рајовиќ е лекар, специјалист по интерна медицина, кој стручно се занимава со неуроендокринологија, а со МЕНСА стана автор на програма за креативно учење која се применува во 14 европски држави. Во овој текст тој предупредува кои се последиците од презаштитничкото однесување на родителите.

Неопходно е да му помагате на детето, но не треба да се претерува. Родителите се` почесто им ги вршат работите и обврските на децата. За да не се мачи, за да му покажат љубов, за да му угодат... Или родителите брзаат, па немаат време да почекаат детето само да се облече, му ги закопчуваат копчињата, му облекуваат чорапи, хулахопки, му врзуваат врвки... иако тие самите веќе одамна покажуваат интерес за сето тоа. Не одат пешки во градинка зошто детето споро оди или тоа сака да оди по крајот на тротоарот, туку го туркаат детето во количка затоа што така е поедноставно и побрзо.

Некогаш тоа го прават родителите, а некогаш бабите и дедовците. Но, бабите и дедовците многу помалку време поминуваат со детето во однос на родителите, па нивното влијание е послабо врз децата. Што значи, дека во овој случај главен „проблем" се родителите.

Како претераното помагање може да биде штетно? И зошто тоа родителите го прават? Можеби за да го заштитат детето? Или со удоволувањето создаваат зависен однос и детето уште повеќе го врзуваат за себе. Тоа не е природно, не е во склад со биологијата и погрешно се толкува како љубов и грижа. Штитењето на детето е природно, но презаштитувањето е погрешно. На пример, детето од осум месеци ползи и доаѓа до ниска препрека или не може да дофати некоја играчка. Мама или баба ќе ја тргне препреката и ќе му ја додадат играчката, за детето да не се мачи. Подобро би било да му се помогне на детето да ја премине препреката и самото да дојде до омилената играчка.

Кога тоа ќе го совлада, следниот пат може да се направи полигон од две или три препреки и така да се учи детето од мало да самото ги совладува. Со вакви активности, потребно е да се започне многу рано и секогаш треба да се смислуваат, затоа што првата година од животот е најзначајна за развојот на мозокот. А во тој развој важна улога имаат генетиката, храната (посебно јодот), опкружувањето и движењата. Што посложено е движењето, повеќе регии на мозокот се активираат, од кои многу се одогворни за когнитивните способности.

Затоа е неопходно на детето да му се овозможи што повеќе да се движи, а посебно да има активности во кои ќе размислува за тоа како да совлада конкретна препрека и да реши конкретен проблем. Дали да тргне на оваа или онаа страна, дали да се провлече под столот или да го заобиколи. Движењето станува уште покомплексно кога детето ќе прооди. Тогаш тоа почнува да се врти, да скока, да одржува рамнотежа. Посебно е важен периодот кога детето почнува да зборува бидејќи тогаш започнува и најинтензивниот период на развивање на синапсите во мозокот, што има големо влијание во целокупниот развој на детето.

Тоа е период кој за родителите не е лесен, затоа што детето трча низ станот или куќата, скока на фотелја, се качува по мебелот, поставува стотина прашања секојдневно... Некои родители овде прават грешка и не дозволуваат детето да трча и скока низ станот, не одговараат на нивните прашања, туку вклучуваат телевизор и така мислат дека го решиле проблемот. А кога излегуваат на прошетка, детето не може да сопре, почнува да се качува на клупа, да прескокнува препреки, да се качува на дрво.

Истражувањата од областа на еволутивната психологија покажуваат дека децата инстинктивно ризикуваат затоа што на тој начин се развиваат, учат за себе и за околината. Ако тоа веќе го знаеме, важно е да дозволиме вакви активности, но во безбедно опкружување. Не е работа на родителите да ги забранат овие корисни игри и активности, туку да водат сметка за безбедноста на детето, на пример, ако се врти, тоа нека го прави на ливада, а не на тераса, ако трча, нека трча во парк на трева каде што може и да падне, а не во продавница за керамика и стакло.

Родителите мораат да сфатат дека презаштитувањето не е добро за биолошкиот развој на детето. Затоа родителите се први и најважни учители и тренери, така што вкупниот развој и IQ на детето е грижа на родителите. Презаштитувањето и реченицата "остави, јас ќе го направам тоа наместо тебе" си одмагаме и себе и на децата.
Подготвил: Антонија Поповска Христов / antonija@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование