X
 03.01.2016 Живот

Како интелигентно да го воспитувате вашето дете?

Факт е дека интелигенцијата сама по себе не е ветување за успех ниту пак среќа во животот. Тоа што детето има висок IQ, не мора да значи дека еден ден ќе биде успешно и среќно во животот.

 

dete


Но, она што го кажуваат психолозите е дека еден од показателите на успех во животот на детето е емоционалната интелигенција кај децата. Она што родителите треба да направат за нивното дете да биде емоционално интелигентно е едноставно: да бидат емоционално интелигентни родители. Имено, децата не учат такашто им кажувате што да прават и кои се тие. Тие учат такашто ги набљудуваат родителите што прават, како ги прават нештата, како се однесуваат кон другите луѓе, што им кажуваат и се идентификуваат со нивното однесување.

Оставете го детето само да го избере својот пат

Пред се`, престанете да мислите дека успехот во кариерата или реализирањето на стабилната партнерска врска или семејната идила, е нешто што треба да претставува животна цел на вашето дете. Секако, можно е детето да го избере својот пат и да биде она што вие како родител го замислувате, но и не мора. Детето само го гради својот живот и само избира што за него ќе претставува успех. Важно е од животот да го земи најдоброто, себеси да си поставува јасни и реалниц цели кон кои ќе се стреми, да ги искористи дадените шанси и на крајот себеси да си каже дека е задоволно со себеси, својот живот и начинот на кој го живее.

Учете го да ги препознава чувствата

Ако малото дете е луто зошто му е скршена омилената играчка, емоционалниот родител нема да рече: „Тоа не е голема работа, ќе купиме нова“. Со тоа се исфрла неговата емоција која е важна и силна. Тоа сепак изгубило нешто што многу го сака. Родителите кои имаат висока емоционална интелигенција на детето ќе му помогнат да ја препознае таа емоција и да ја именува, а потоа со многу емпатија ќе го прегрне и ќе му каже: „Знам дека си лут/а, и јас би бил/а да ми се скршеше мојата омилена играчка“. За да му помогнете на вашето дете во ова, мора да сте и сами свесни што чувствувате и како тоа се нарекува. За жал, многу родители не се ни свесни што се случува, па во ваквите ситуации се наоѓаат во лавиринт. Не знаете како да реагирате, а во исто време го сакате најдоброто за детето.

Учете го да управува со своите чувства

Едно истражување за кое пишувал Даниел Голман во својата книга „Емоционална интелигенција“, зборува за тоа дека децата кои умеат да ги контролираат своите импулсивни желби, имаат поголеми шанси да бидат успешни во животот. Всушност, овие деца имаат многу повисоко ниво на толеранција на фрустрација. Поради тоа, тие се подготвени подолго време да работат нешто што делува потешко и да чекаат награда која следи позади тоа. За детето да научи, би било пожелно барем еден од родителите така и да работи во животот: да не му подлегнува на секој импулс што ќе го почувствува, да го одложи реализирањето на одредени желби за подоцна или не мора оној момент кога ќе почувствува лутина веднаш да се расправа туку да пронајде начин да почека да помине негативното чувство и потоа да реагира кога е смирен/а.

 

dete


Учете го мотивацијата да ја пронајде во себеси

Постојат два видови на мотивација - надворешна и внатрешна. За да го воспитате детето кое е само мотивирано потребно е кај него да развиете способност во себе да ја пронајде внатрешната мотивација. За среќа, скоро секое дете е љубопитно и сака да дознае колку што може повеќе за средината што го опкружува. Од една страна ова може да биде предизвик за родителите, но од друга страна ова е можност низ љубопитноста на детето да се развива вештината за само-мотивација. Еден од показателите колку детето е само-мотивирано е степенот на независност што го поседува. Децата со висок степен на само-мотивација нема потреба возрасните да му помагаат во сопствените активности, додека детето што ретко ја користи својата внатрешна мотивација за да постигне одредена цел, постојано бара помош од возрасните.

Покажете му дека емоциите на другите луѓе се важни и треба да ги препознае и разбере

Емпатијата е важен дел од моралниот развој кај децата и во вистинска форма се јавува околу средината на втората година од животот. Во овој период детето препознава кога некој друг е тажен и е спремно да понуди помош такашто ќе му го даде омиленото мече за да му овозможи утеха. Секако, оваа помош не е функционална за тажната личност, но е прв знак за почетокот на моралниот развој на детето. Емоционално интелигентниот родител пред се` ќе ги препознае чувствата на детето и ќе ги разбере. Потоа гласно ќе ги каже своите чувства кон другите и како ја дели тагата, болката или среќата.

Учете го детето да гради пријателски односи кои се долготрајни и здрави

Детето најдобро ќе научи да гради квалитетни и долготрајни пријателства и партнерски односи гледајќи ги своите родители како тоа го прават. Затоа е важно добро да размислите за себеси и како вие ја градите врската со другите луѓе, колку пријатели имате, колку тие можат да се потпрат на вас и како ги решавате несогласувањата со нив.

 

inteligencija


Бидете задоволни од животот


И на крај, кога се сумира се`, повторно најважно е вие како родител да бидете задоволни со вашиот живот, да ги препознате вашите чувства и да ги именувате, да пронајдете во себе мотивација да ги реализирате целите во животот, да имате пријатели кои можат да се потпрат на вас, а и вие на нив. Дури тогаш кога вие сте задоволни, можете да очекувате дека на вистински начин ќе го воспитате вашето дете да биде емоционално интелигентно, а со тоа и задоволно од својот живот.

Разликувајте  IQ од EQ

Разликата меѓу IQ и ЕQ е во тоа што IQ е природно дадена и се однесува на интелектуалното сфаќање кај луѓето, додека EQ се однесува на капацитетот на разбирање, препознавање и контрола на сопствените емоции како и препознавање и разбирање на емоциите на другите луѓе. Интелектуалната интелигенција може да се зголеми во текот на животот, но многу ограничено, додека емоционалната интелигенција се учи. 
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот