X
 16.01.2023 Наша тема

„Изработка на роботска рака како дел од испит и месечна стипендија“: Јована Гелебешева раскажува за студентската размена во Загреб преку Еразмус

Запознав луѓе од различни култури - Индонезија, Мароко, Чешка, Турција и многу други места, престојував во студентски дом и имав бенефити преку студентската картичка. Исто така, во студирањето се посветуваше повеќе внимание на практичната работа, а имавме и обезбедена неколкумесечна пракса од страна на факултетот.

Јована Гелебешева е четврта година на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство во Скопје. Покрај студиите во Скопје, Јована еден семестар го завршила на загрепскиот универзитет, на Факултетот за електротехника и компјутерски науки, преку програмата за размена на Еразмус+.

Идејата за студентската размена беше на мајка ми

- Идејата за размената потекна од мајка ми, која и самата ги има завршено додипломските и постдипломските студии во странство. Уште кога бев прва година на факултет почнав сериозно да размислувам за студентска размена и во консултации со постари колеги, кои веќе имале такво искуство, одлучив дека сакам да го направам тоа во една од наредните години - вели Јована.



Студентите го одбираат својот „гостински факултет“, кој е во согласност со конкурсот што се објавува секоја година и претставува договор меѓу универзитетите за странска семестарска размена. За да бидеш одбран за студирање во странство, потребно е да исполнуваш неколку услови:

- Кандидатите се одбираат според неколку критериуми, а  најважни се просекот, бројот на признаени кредити и дали студентот веќе бил на студентска размена. Исто така, услов е студентот да има освоено 60 кредити од прва година. Државата во која ќе се извршува размената најмногу зависи од соодветноста на студиите помеѓу нашиот и тамошниот универзитет. Јас ја одбрав Хрватска поради сличноста во студиската програма - раскажува Јована.

Јована (втора од лево) со други студенти

Разменските студенти можеле да одберат каде ќе престојуваат - во студентски дом или во приватно сместување. Јована била сместена во студентскиот дом „Цветно Насеље“. Исто така, мора да се спомене и ангажираноста на загрепскиот универзитет кој организирал онлајн сесии на кои им дал информации во врска со студентските домови и аплицирањето.

- Морам да напоменам дека разликата помеѓу нашите и нивните студентски домови е огромна и во ниту еден момент не се случи да ми недостига нешто или да се чувствувам неудобно - вели Јована.

Според Јована, разликата помеѓу ФИНКИ и ФЕР е видлива најмногу во предавањата, а лабораториските вежби на ФЕР се изведуваат самостојно и се услов за полагање испит.

- Иако нашите и нивните студиски програми се слични, воочливи се големи разлики. Лабораториските вежби кои на ФИНКИ се изведуваат според одредени упатства, на ФЕР се изведуваат самостојно и се предуслов за положување на предметите, односно потребно е студентот да освои минимум поени за да добие позитивна оценка, без разлика дали го има положено колоквиумот/испитот. Покрај тоа, консултациите по некои предмети беа во форма на гугл-прашалници во кои се поставуваа прашања кои беа дискутирани на следниот час. Во однос на полагањето, за разлика од овдешните 3 испитни сесии, таму се реализираат 2 испитни сесии, односно 2 колоквиума и 2 испита кои ги нарекуваат рокови - раскажува студентката.

Имавме задача да изработиме роботска рака со автономен модул за работа

Јована била возбудена за предавањата во живо, по речиси две години онлајн настава, и тоа било една од причините поради кои се одлучила за студентска размена.

- Предавањата имаа прилично интерактивен карактер, со многу квизови и тимски проекти, а оценувањето се базираше на тестови, семинарски и лабораториски вежби, слично како и кај нас. Повеќе внимание се обрнуваше на практичната работа, конкретно за предметот роботска пракса - имавме задача да изработиме роботска рака со автономен модул за работа. Оценките што може да се добијат се движат од 1 до 5, како највисока оценка. За некои предмети е потребно усно дополагање за 5, а за други предмети дополнителен ангажман како изработка на проекти и семинарски. Роботската рака се изработуваше по предметот „Robotics practicum“, кој беше организиран на тој начин што во првиот дел од семестарот слушавме теоретски предавања, а во вториот дел поделени во тимови го изработувавме роботот. Процесот на изработка содржи повеќе компоненти кои беа соодветно оценувани, а започна со дизајн на роботската рака и 3Д-печатење на соодветните делови. Потоа ни беа доделени кутии со потребните алати за работа како мотори, кабли, шрафови и слично. Од аспект на програмирање на роботот, потребно беше да се напишат „Matlab“ скрипти за директна и инверзна кинематика, графички интерфејс и да се калибрира камерата. Задачата која требаше да ја изврши роботот беше да препознае мали коцки во различни бои и да ги подреди според зададена шема, а дополнителни поени се добиваа ако сето тоа роботот го изврши автономно. Колку што сум запознаена, на ФИНКИ нема практична задача од овој тип по предметот Вовед во роботика - раскажува Јована.



Користевме студентски картички за поволни цени во студентските мензи

Сите Еразмус-студенти добиваат стипендија чиј износ зависи од државата во која се изведува размената, а се користи за сместување, хранарина и слично.

- На почеток од размената добиваме 70% од стипендијата, а по завршување и враќање во Македонија ги исплаќаат и преостанатите 30%. Од аспект на бенефитите што ги имаат тамошните студенти, би ги издвоила студентските картички (x-ица) кои се користат за поволни цени во студентските мензи. Картичката ја добиваме бесплатно од тамошниот факултет. Покрај тоа, хрватските студенти имаат попуст на влезници во музеи, театри и слично. На студентите од техничките факултети дополнително им е обезбедена неколкумесечна пракса од страна на факултетот, која е дел од студиите - вели Јована.



Како што вели Јована, студентскиот живот во Загреб е навистина разновиден, постојано имало фестивали од различен карактер, концерти, настани и натпревари. Исто така, била дел и од студентската мрежа Еразмус која организирала настани, патувања и дружења со странските и локалните студенти.

- Во однос на студентскиот живот, во Загреб постојано се организираат фестивали од различен карактер, како и концерти, настани и натпревари. Исто така, конкретно за Еразмус студентите постои организација Erasmus Student Network, која организира настани и патувања за запознавање и здружување на странските со локалните студенти.

Од Националната агенција за европски образовни програми и мобилност накратко ни ја објаснија суштината на разменските програми, како и критериумите за одбирање на студентите:

- Еразмус+ програмата нуди вистински можности за учениците и студентите за подобрување на нивните вештини и можности за идно вработување. Националната агенција во делот на своите ингеренции и опсег на работа им доделува средства на акредитираните високообразовни институции. Кандидатите што учествуваат ги одбираат самите високообразовни институции преку објавување јавен повик за студентски мобилности и студентски пракси на нивните веб-страници врз основа на критериуми утврдени од програмата Еразмус+. Секоја високообразовна институција има Еразмус+ координатор кој е одговорен и треба да биде достапен за сите информации и прашања што им се важни на студентите, а воедно се и одговорни лица за спроведување на целата студентска размена. Согласно правилата, редовните студенти од сите три циклуси (додипломски, магистерски и докторски студии) имаат можност да аплицираат за студентски размени и студентски пракси преку Еразмус+ програмата.

Програмата Еразмус+ во делот на спроведување на студентски пракси и размени дефинира основни критериуми во процесот на селекција од страна на високообразовните институции.
Согласно правилата, се прецизираат 5 основни критериуми за селекција на студенти, и тоа: мотивационо писмо, активност на кандидатот во самата високообразовна институција, препораки од професори, познавање на странски јазик и просек од оценувањето.
Подготвил: Јована Трајковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема