Наскоро се отвора една од најубавите ботанички градини во светот. Станува збор за Кеукенхоф во Холандија, која е позната и како Градината на Европа.
Ова е една од најголемите цветни градини во светот - се протега на 32 хектари. Таму секоја година се садат над 7 милиони цвеќиња, од кои 800 вида лалиња, најпознатите цвеќиња во Холандија. Исто така, Кеукенхоф со години се вбројува меѓу најубавите места во светот.
Градините постојат од 1949 година, а за посетители се отворени само од крајот на март до почетокот на мај. За тој краток период Кеукенхоф секоја година успева да привлече повеќе од милион луѓе. Освен со лалиња, градината е украсена и со колекција од зумбули, нарциси, орхидеи, рози, каранфили, ириси, лилјани...
Годинава Кеукенхоф ќе биде отворена за посетители од 23 март до 14 мај.