X
 16.03.2024 Технологија

Запознајте го Јуи - андроид аватар кој го контролира вистинска личност со очила за ВИ и слушалки

Истражувачи од Јапонија им овозможуваат на луѓето да разговараат меѓу себе во роботска форма и тврдат дека чувството е исто како и разговорот со вистински луѓе.

Тие направиле полухуманоид наречен Јуи, кој ќе го контролира вистинска личност која носи очила за виртуелна реалност и слушалки со микрофон. Овие додатоци им овозможуваат да видат и да слушнат што гледа и слуша Јуи. Користеле аватар технологија која им овозможува на луѓето да играат и да комуницираат со дигитални ликови. Со Јуи - и лицето што го контролира роботот и лицето што разговара со него ќе се чувствуваат поврзани додека се одвива разговорот.

Јуи може да ги движи главата и лицето на многу начини, исто како вистинска личност. Исто како што луѓето покажуваат емоции, преку насмевка или со муртење, и Јуи може да ги прави овие движења.

Научниците создадоа роботи кои личат на луѓе (наречени хуманоиди) и можат да покажуваат емоции преку изрази на лицето. Овие роботи можат да помогнат во комуникацијата, особено кога луѓето се оддалечени едни од други. Сепак, овие роботи можат да се движат послободно, но се премногу големи или ги немаат соодветните делови за да бидат контролирани од далеку. Истражувачите веруваат дека Јуи е подобар дури и од личен разговор бидејќи роботот може да се фокусира на она што е најважно во разговорот.

Аватарите што ги создал тимот може да бидат контролирани од луѓе или компјутерски програми, или пак комбинација од двете. Технологијата на аватар се користи во многу области, како што се игрите со виртуелна реалност и симулациите за обука.

Еден пример за тоа се аватарите што може да се создадат во „Метаверс“, универзум за виртуелна реалност создаден од „Мета“, каде што луѓето или нивните аватари можат да комуницираат едни со други и со дигитални објекти.

Во видеоигрите се одвива нешто слично. Луѓето можат да направат свои аватари кои личат на нив, или пак изгледаат сосема поинаку. Тие, исто така, можат да ги преместуваат овие аватари и да извршуваат одредени активности во виртуелните места. Ова може да биде корисно во многу ситуации, како што се истражувања на опасни места или помагање во извршување задачи од далечина.

Истражувачите велат дека Јуи е наследникот на Ибуки, кој беше мобилен андроид аватар, развиен од истиот тим во нивното претходно истражување. Од тимот велат дека Јуи има подобрување во слободата на движење на главата, моментите на молчење и аголот на гледање.

Движењето со рацете е голем дел од тоа како ние, како луѓе, комуницираме. Тоа ѝ овозможува на другата личност пред нас да ги знае нашите намери. Скриените раце (или во случајот на Јуи – отсутни раце), не ни кажуваат многу детали за комуницираното и прават да им биде непријатно на луѓето. Во иднина, овој тим планира да му додаде раце на Јуи и да го спореди искуството од комуникацијата со него со вистински разговор со човек – лице в лице.

Технологијата на аватар станува подобра со развојот на вештачката интелигенција. Во моментов се користи во многу индустрии и постојано го менува начинот на кој луѓето комуницираат и работат.

 

Извор: Interesting engineering

Фото: YouTube screenshot

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија