Тесла продолжува да ја шири европската достапност на системот фул селф драјвинг (ФСД), а по Холандија, Литванија, Естонија и Данска, зелено светло сега пристигна и од Белгија.
Фламанската министерка Аник де Ридер го потпиша документот со кој се дозволува користење на системот за полуавтономно возење на „тесла“ на белгиските патишта, што ја прави Белгија петта европска држава во која е одобрен ФСД.
Системот на Тесла за „целосно самостојно возење“
Иако името фул селф драјвинг звучи како целосно самостојно возење, европската верзија со ознака супервајзд не го ослободува возачот од одговорност. Возачот мора да остане сконцентриран, да го надгледува сообраќајот и да биде подготвен да ја преземе контролата во секој момент. Со други зборови, нема читање книга, работење на лаптоп или гледање во мобилен додека автомобилот сам поминува низ сообраќајот. Во Белгија системот ќе се воведува постепено. Според најавите, во prvaта фаза ФСД супервајзд ќе го добијат неколку десетици возила на „Тесла“. По краток период на процена следува проширување на околу 5.000 автомобили, а крајната цел е да се овозможи системот за сите возила на „Тесла“ кои технички ги исполнуваат условите. Ваквиот претпазлив пристап не е изненадување бидејќи европските власти се однесуваат значително построго кон системите за асистенција и автономно возење во споредба со американските.
За „Тесла“ е особено важно европското проширување на ФСД бидејќи системот со години беше еден од главните аргументи на брендот, но и една од најспорните теми. Во САД е достапен значително подолго, додека Европа, поради построгите регулаторни правила, сообраќајната инфраструктура и различните национални прописи, бараше попретпазлив пристап. Белгиското одобрение покажува дека тие врати сега постепено се отвораат, но тоа не значи дека возилата на „Тесла“ ќе возат целосно автономно.
ФСД супервајзд може да помага при управувањето, следењето на сообраќајот, менувањето ленти и возењето при посложени ситуации, но сето тоа останува под надзор на лицето зад управувачот. Токму таа разлика е клучна. Системот може да преземе голем дел од работата, но правно и практично возачот останува одговорен за сè што ќе се случи.
Фото: magnific