Панасоник и Тесла договорија почеток на соработка околу производи за соларна енергија, изјави портпаролката на јапонската компанија.
Двоецот веќе ги здружи силите во најголемата светска фабрика за литиум-јонски батерии во Невада, но наведе дека планираат и проширување на соработката, јавува АФП.
„Договоривме да започнеме разговори за соработка во производство на соларни батерии во фабриката во Бафало, во државата Њујорк, што ја води една од теслините подружници “, вели портпаролката на Панасоник.
Јапонската компанија, како што додаде, ќе достави технологија која се користи за соларни ќелии и модули за производи кои треба да ги креира Тесла.
Американската фирма соопшти дека ова партнерство ќе помогне да се „забрза производството на високоефикасни, вонредно сигурни соларни ќелии и модули со најниски трошоци.“
Договорот бара одобрување од акционерите на Тесла за планираната аквизиција на претпријатието за соларни панели
SolarCity Corp, со седиште во Сан Матео, Калифорнија, стои во соопштението на фирмата.
Панасоник и Тесла исто така соработуваат на електричните возила како и во фабриката за батерии во Невада, каде американската фирма покренува „гигафабрика“ од пет милијарди долари, за која јапонскиот партнер ќе изработи батериски ќелии за работењето на погонот, а ќе инвестира и во опрема и машини.