X
 16.07.2020 Наша тема

Студентите се најважни во едукативниот циклус кој се одвива на Градежниот факултет, вели деканот проф. д-р Златко Србиноски

Не сме пионери, но сакаме да бидеме помеѓу првите што ги имплементирале дигиталните алатки во образованието. Имаме искуство, не само во дигиталното образование, туку и во спроведување дигитални пракси, виртуелни посети на компании и сл., вели деканот на Градежниот факултет - Скопје


Повеќе од 4.000 студенти во изминатите седум децении станале градежни инженери и дипломирале на Градежниот факултет во Скопје. За улогата и значењето на Факултетот во општествениот развиток на земјата најдобро зборуваат големиот број капитални објекти во земјата и надвор, проектирани и изградени токму од градежните инженери едуцирани на Градежниот факултет, вели проф. д-р Златко Србиноски, декан на овој факултет. 



Со него разговаравме за предизвиците на новата академска година во услови на пандемија и за други теми поврзани со високообразовната дејност.

Градежниот факултет постои седум децении. Тоа е лидерска институција во областите врз кои е фокусиран. Каков е придонесот на оваа високообразовна институција во Македонија?


- Градежниот факултет - Скопје е најстарата и најзначајна научноистражувачка установа во Македонија од областа на градежништвото, геодезијата и геотехниката. Факултетот врши високообразовна дејност од прв, втор и трет циклус на студии, научноистражувачка и апликативна дејност во подрачјето на техничко-технолошките науки, на полето на градежништвото и геодезијата, како и други со нив поврзани наставно-научни, истражувачки и стручни области.

За улогата и значењето на Факултетот во општествениот развиток на земјата најдобро зборуваат големиот број капитални објекти во земјата и надвор, проектирани и изградени токму од градежните инженери едуцирани на Градежниот факултет.


Во изминатиот 70-годишен период голем број студенти го стекнале своето образование на Градежниот факултет, при што 4.000 студенти се стекнале со звањето дипломиран градежен инженер, 580 студенти станале геодетски инженери, со звањето дипломиран инженер по геотехника се здобиле повеќе од 130 студенти, а магистер на технички науки повеќе од 370 студенти. Со звањето доктор на технички науки се здобиле повеќе од 100 магистри на технички науки.


Исправени сте пред предизвиците и ситуацијата што нѐ снајде со пандемијата. Како се подготвувате за новата академска година?

- Сѐ до појавата на пандемијата на Ковид-19 подготовките за новата академска година се одвиваа во најдобар ред. Тоа, пред сѐ, ги опфаќаше активностите поврзани со промоција на наставните програми и содржините што ги нуди Градежниот факултет. Тие активности вообичаено се одвиваат во летниот семестар на секоја учебна година и се насочени кон привлекување на матурантите за студирање на нашиот факултет.

По првичниот шок предизвикан од пандемијата, Факултетот со своите ресурси изврши брзо преструктурирање во своето функционирање и приспособување кон новонастанатата состојба. Пред сѐ, моравме да ги решиме проблемите со одржувањето на наставата и испитите, како и нормалното функционирање на факултетските служби.

По стабилизирањето на состојбата, продолжени се активностите околу подготовките за новата академска година. Тие активности генерално се одвиваат во две насоки:

• Продолжување на промотивните активности, со тоа што сега овие активности се фокусирани на електронската комуникација и социјалните мрежи.

• Подготовка за старт на новата учебна година во услови на пандемија. Црпејќи ги искуствата од светски реномираните универзитети, Градежниот факултет ги прави сите неопходни подготовки за старт на новата учебна година и одвивање на наставата преку платформи за далечинско учење.

Какви се Вашите очекувања? Со прием на колку нови студенти би можело да се каже дека имате успешна уписна година?

- Во контекст на вашето прашање, интересно е да се спомене аномалијата која се јавува при уписите на студиските програми на Градежниот факултет - Скопје. Имено, од една страна, имаме одлични студиски програми, по завршувањето на студиите (а најчесто и во текот на студиите) нема невработени дипломирани инженери, а не е за занемарување и фактот што дипломите од нашиот факултет се признаени во целиот свет - за што сведочат успешните кариери на голем број наши студенти надвор од нашата земја. Од друга страна, пак, соочени сме со константен пад на интересот за студирање на Градежниот факултет (и техничките факултети, воопшто), што не може да се објасни само со депопулацијата на македонското население.


Бројот на студенти и уписната политика се во фокусот на секоја деканатска гарнитура, при што постојано се прават анализи на бројот на запишаните студенти на првиот и вториот циклус на студии. Таквите анализи се темел на предикцијата на состојбите на Факултетот, кои понатаму резултираат со соодветни одлуки со кои се насочува работата на Градежниот факултет во идниот краткорочен и среднорочен период.
Споменатите анализи ќе нѐ доведат до податокот дека во „добрите години“ на Градежниот факултет во изминатите 10-ина години се запишувале околу 300 студенти на првиот циклус студии на сите три студиски програми. Како што кажав претходно, оваа бројка има тенденција на константно намалување, при што својот минимум го доживеа во актуелнава учебна година, кога на сите студиски програми (Градежништво, Геодезија и Геотехника) од првиот циклус студии се запишаа околу 100 студенти.

Имајќи предвид дека според универзитетскиот Конкурс за запишување на студенти на прв циклус студии на студиските програми на УКИМ во учебната 2020/2021 година за Градежниот факултет - Скопје се резервирани 240 места во редовната квота, а имајќи ја предвид претходно споменатата негативна тенденција, може да се каже дека ние би биле задоволни со запишување на 180-200 студенти на сите студиски програми.

Што научивте како факултет од учењето од далечина? Вие сте еден од факултетите што брзо се приспособија на новиот начин на учење, предавање.

- Новонастанатата состојба со ширењето на вирусот SARS-CoV-2, кој предизвика пандемија на болеста Ковид-19, во нашата земја го затекна образованието неподготвено да се соочи со оваа појава. Тука мислам на образованието во целост, од основното, па до високото образование, па дури и неформалното образование.

Веднаш по настанувањето на пандемијата на факултетот донесовме и Одлука за начинот на реализација на дејностите на факултетот за време на вонредна состојба согласно мерките на надлежните органи во земјата. На тој начин ги дефиниравме начините на реализација на наставните програми. Во тој контекст продолживме со образовниот процес со користење на видеоконференциски сервиси и платформи за учење. 



Новонастанатата ситуација се прикажа како одлична можност целосно да го преиспитаме наставниот процес на нашиот факултет, во насока на воведување дигитални технологии и учење од далечина. Факултетот досега учествувал, но и предложил учество и водство на „Еразмус+“ проекти што се однесуваат на дигитализацијата во образованието. Не сме пионери, но сакаме да бидеме помеѓу првите што ги имплементирале дигиталните алатки во образованието. Имаме искуство, не само во дигиталното образование, туку и во спроведување дигитални пракси, виртуелни посети на компании и сл.

Каква е Вашата соработка со студентите преку нивното Универзитетско собрание?

- Почетокот на новата учебна година нѐ соочи и со новите одредби од Законот за високото образование, според кои, на сите единици на УКИМ требаше да се формираат Факултетски студентски собранија. Ние како деканат помогнавме да се спроведат успешни избори со кои недвосмислено се изрази волјата на нашите студенти, со што се конституира Факултетското студентско собрание на Градежниот факултет.
Од самиот почеток студентите од ФСС беа вклучени во сите облици на управувањето на факултетот (ННС, Деканатска управа, комисии и др.), при што тие даваат драгоцен придонес во успешното функционирање на Градежниот факултет.

Пример за успешното дејствување на ФСС е конкурсот за идејни решенија за реконструкција на факултетската читалница, која настрада во пожар на почетокот од пандемијата. Студентите учествуваа на конкурсот и предложија извонредно квалитетни решенија кои ќе бидат инкорпорирани во проектот за обнова на читалницата.

Како илустрација на интензивната активност на членовите на ФСС на ГФ е и фактот што на последната седница на Деканатската управа на Градежниот факултет од страна на студентите беа предложени осум проекти со кои студентите ќе учествуваат на домашни и меѓународни настани со цел збогатување на студентската практика и соработка. Сегашните и идните активности на ФСС ќе бидат максимално поддржани од страна на Градежниот факултет.

Ако во минатото преовладуваше перцепцијата дека во студентските собранија/парламенти членуваат студенти со послаби квалитети, овој состав на ФСС на ГФ, дури и со неговите почетни активности, апсолутно го демантира тоа мислење.


Која насока привлекува најголемо внимание во последните години?


- Првиот циклус студии на Градежниот факултет се одвива на три студиски програми: Градежништво, Геодезија и Геотехника. Сите програми се одликуваат со извонреден квалитет и содржини во кои е имплементирано богатото искуство на нашите професори.

Традиционално, најголем дел од студентите на првиот циклус се определуваат за студиската програма Градежништво, иако во изминатите години (особено по појавата на приватните геодетски компании) беше исклучително голем интересот и за студиската програма Геодезија.
Што се однесува до вториот циклус студии, Градежниот факултет нуди четири студиски програми: Градежништво (конструктивна насока, хидротехничка насока и транспортна инфраструктура), Геодезија, Геотехника и Менаџмент со недвижности. Во изминатиот период најголемиот интерес за студирање на вториот циклус студии на Градежниот факултет беше насочен кон конструктивната насока и студиите по геодезија.


Од одбележувањето на 70 години Градежен факултет, заедно со ректорот Јанкуловски


Што би им порачале на идните студенти на Градежниот факултет?

- Студентите се бездруго најважниот и најблагородниот субјект во едукативниот циклус кој се одвива на нашиот факултет. Сите заложби за унапредување на наставата, подигнување на мобилноста, учеството во научната работа и др., за кои претходно стана збор, се всушност во основа посветени на студентите.

На Градежниот факултет просечно студираат околу 1.000 студенти на сите три образовни циклуси и на сите насоки. Тоа е бројка со која факултетот може да се гордее, но истовремено тоа е бројка која обврзува. Илјада млади луѓе секоја година ни го доверуваат својот пат кон иднината и подготовката за предизвиците што ги очекуваат во нивната професионална кариера.

Одговорноста на наставниот кадар е толку поголема што покрај процесот на едукација и совладувањето на „тајните на занаетот“, професорите имаат улога и на воспитувачи, чија цел е и подигнување на општото ниво на културата на овие млади личности.

Драги наши идни колеги-студенти на Градежниот факултет во Скопје, мал е бројот на професионалци од која било област што го имаат почувствувано задоволството од реализацијата на проектите кои резултираат со теренска материјализација на нивните капитални дела. 

Сметајте дека вие ќе бидете дел од таа привилегирана група професионалци чие образование ќе биде заокружено на Градежниот факултет во Скопје.

Од друга страна, верувајте дека Градежниот факултет, носен на крилјата на 70-годишната традиција, ќе продолжи сигурно да чекори во иднината и да ги исполнува најблагородните цели во процесот на образувањето на новите генерации на градежните, геодетските и геотехничките инженери.

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска/srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема