Секој писател е во потрага по метод што ќе му помогне подобро да пишува. Борбата со празна страница им се случува и на најголемите писатели, а ова се некои од чудните навики што ги имале познатите писатели низ историјата за подобро да пишуваат.
Лежење
Лежењето не мора да биде знак за одмор и неработење. За некои писатели, лежењето било извор на креативност и им помагало да се фокусираат на пишувањето. Автори што ја користеле оваа метода се Марк Твен, Џорџ Орвел, Едит Вартон и Марсел Пруст. Труман Капоти, исто така, ја користел оваа метода и дури се нарекувал хоризонтален автор бидејќи не можел да пишува ако не лежел.
Стоење
На некои автори стоењето им помогнало да ги напишат своите најголеми дела. Оваа метода им била добро позната на Ернест Хемингвеј, Чарлс Дикенс, Вирџинија Вулф и Луис Керол.
Пишување на самолепливи ливчиња
Авторот на „Лолита“, Владимир Набоков, бил многу специфичен во поглед на своите инструменти за пишување. Сите свои дела ги пишувал на самолепливи ливчиња кои ги чувал во кутии. Оваа необична метода му овозможила да не пишува сцени хронолошки и да ги подредува како што ќе посака.
Фото: Pixabay
Висејќи
Висењето е спас за писателската блокада. Барем така тврди познатиот автор Ден Браун. Како што вели тој, кога виси наопаку, тоа му помага да се опушти и подобро да се концентрира на пишувањето. Уште една необична навика на овој писател е на својата маса да чува песочен часовник. По секој час тој застанува со пишувањето и прави склекови или стомачни вежби.
Пишување без облека
Методата на Виктор Иго била пишување без облека. Кога морал да напише многу за кратко време, тој му заповедал на својот собар да му ја земе целата облека за да не може да излезе од собата додека не заврши со пишување. Дури и во најстудените денови Иго пишувал замотан во ќебе.
Кафе
Францускиот писател Оноре де Балзак ја поттикнувал креативноста со пиење дури 50 шолји кафе дневно. Се вели дека тој речиси воопшто не спиел додека ги пишувал најголемите дела. Освен него, се вели дека Франсоа Волтер пиел до 40 кафиња дневно.
Извор:
Studentski
Насловна фотографија: Pixabay