X
 16.08.2018 Економија

Вработените во „Спотифај“ ретко остануваат на иста функција подолго од две години

Извршниот директор на „Спотифај“, Даниел Ек, неодамна истакна дека за работните места размислува како за мисии, а не како за статички улоги.

- Имате период од неколку години кога вршите работа и тогаш вашата турнеја завршува и време е да размислите кој ќе биде вашиот следен чекор. Јас ги опишувам како мисии. Може да ја имате истата титула, но ја немате истата работа подолго од две години и колку поискрени сме за тоа, толку подобро - истакна Ек.

Тој додава дека концептот го позајмил од основачот на „Линкдин“, Рејд Хофман, кој на работните места гледа како „турнеи на должност“ кои треба да се извршат во период од две до пет години. Во еден статус на „Линкдин“, Хофман истакна дека тој пристап му дава на вработениот причини да издржи и да ја заврши турнејата.

Па како Ек ја имплементира оваа филозофија во неговата компанија? Тој се сретнува со членовите на раководството на годишно ниво само за да им постави едно едноставно прашање: Дали ова е тоа што сакате да го правите во следните две години?

- Ова го правам и со себе и ги принудувам да го прават со мене. Ова е еден вид мачење. Луѓето нормално, без да размислат, ќе кажат да. Но, по кратко ќе дознаете дали тоа е вистинска страст - објаснува Ек.

Фото: Business Insider

Тој додава дека многу малку луѓе во неговата компанија издржуваат две или три вакви рунди. Според него, вработените не си заминуваат од компанијата поради слаби перформанси, туку само се посамоуверени да ги следат своите вистински страсти на некое друго место.

Стратегијата на Ек во „Спотифај“ е варијација на она што регрутерите во „Линкдин“ го прават при процесот на вработување. Таму всушност ги прашуваат кандидатите што сакаат да работат откако ќе ја напуштат компанијата. Целта им е да видат што кандидатот сака да прави со животот на професионално ниво и тогаш разговараат за тоа што се совпаѓа со она што го прави „Линкдин“.

Прашањата на Ек исто така имаат цел да се осигури дека целите на вработениот се совпаѓаат со работата што ја работи во „Спотифај“.

Како пример Ек го наведува раководителот на одделот за истражување и развој Густав Содерсторм. Пред две години на еден разговор еден на еден Густав открил дека размислувал да ја напушти компанијата, а причината за тоа било што сакал поголемо влијание, но не сакал да ги води сите луѓе.

- Му реков: Слушај, не можеш да седиш на маргините и да имаш контрола. Ќе мора да ја преземеш одговорноста што си доаѓа со тоа - раскажува Ек.

По разговорот Густав го сменил стилот на менаџирање, презел повеќе одговорности и ги надминал очекувањата на Ек.

-Да не беше тој искрен разговор, веројатно ќе си заминеше - вели Ек.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија