X
 16.08.2020 Наша тема

ДАЛИ ЗНАЕТЕ: Кој е првиот македонски режисер на долгометражен игран филм?

Во оваа рубрика ви претставуваме интересни податоци за Македонија

Првиот игран филм снимен во Македонија е „Фросина“, во режија на српскиот режисер Воислав Нановиќ, снимен во 1952 година. Но дали знаете кој Македонец го снимил првиот долгометражен игран филм? Тоа е Димитрие Османли, филмски, театарски и телевизиски режисер, сценарист и педагог. Комедијата „Мирно лето“ снимена во 1961 година е неговото прво дело – долгометражен игран филм. Овој филм в година одбележува 60 години од снимањето и е особено важен во македонската кинематографија.

Димитрие Османли за време на снимањето на ТВ-серијата „Морава '76“

Димитрие Османли е роден во Битола, во 1927 година. Кога имал нецели 7 години, првпат го видел семејниот пријател чичо Манаки како ракува со некаква „чудна кутија“. „И така јас се инфицирав од подвижните слики. Моето основно училиште по филмска режија беше катадневно одење во кино“ - ќе си спомне Димитрие Османли. 

Снимање на ТВ-филмот „Белата кошула“ заедно со актерот Љуба Тадиќ (1974)

Основно и средно образование завршил во Битола. На 27 ноември 1944 година, Рули, заедно со уште неколкумина, ја положил аудицијата за актери во Народниот театар во Битола и на оваа сцена настапува речиси две години, пишува филмскиот критичар Стојан Синадинов по повод именувањето на летната сцена на Кинотеката  во „Мирно лето“.

Османли (прв десно) на снимањето на „Мирно лето“, заедно со Мито Хаџивасилелв - Јасмин (средина) и актерот Илија Џувалековски

„И тогаш, како за среќа се расчу за отворањето на Високата филмска школа во Белград. Јас тајно напишав една молба...“ – ги продолжува Рули своите сеќавања. Студиите ги завршува во учебната 1952/1953 година со дипломската претстава „Ѓаволштините на Скапен“ од Молиер во Народниот театар во Битола. Со диплома на прв дипломиран македонски режисер се враќа во Македонија, овој пат во Скопје. По враќањето од студиите од Белград, Османли се вработил во „Вардар филм“.
 

Карикатура, дело на Василиј Поповиќ-Цицо

Во 1956 г. ги снимил филмовите: „Прва изложба на југословенски тутун“, „Распламтени факели“, а во „Филмски репортер бр. 4“  ја сними и првата филмска репортажа за Милтон Манаки.

Постдипломски студии посетува во 1961/1962 година на надалеку познатиот Институт за високи кинематографски студии. „За време на праксата во студијата сместени во Булоњската Шума се запознал и се дружел со Франсоа Трифо и Жан-Лик Годар и со сите кинематографски `младотурци`, во она време сѐ уште неафирмирани режисери и синеасти собрани околу легендарното синеастичко списание „Филмски тетратки“ – ќе пренесе во една пригода неговиот син Томислав Османли.

Класата од 1948 на Висока филмска школа во Белград, од студентската посета на академијата во Загреб 

Долги години работи како театарски, телевизиски и филмски режисер. Исто така, бил и професор и прв декан на Факултетот за драмски уметности, каде што предавал актерска игра и има изведено четири генерации актери.

По снимањето на репортажата за Милтон Манаки „Првиот филмски снимател на Балканот“, заедно со Манаки (трет од лево) и екипата што работела на филмот

Покрај четирите играни филма, „Мирно лето“ (1961), „Мементо“ (1967), „Жед“ (1971) и „Ангели на отпад“ (1995), има снимено и 15-ина документарни филмови, меѓу кои најзначајни се: „Дванаесетте од Папрадник“ (1965), „Девојките од Мали“(1963) и „Кеј 13. Ноември“ (1964), и повеќе од 20 телевизиски остварувања, филмови, драми, мјузикли.

Османли бил првиот декан на Факултетот за драмски уметности

На полето на театарската уметност неговиот придонес е исто така значаен, има режирано над 35 театарски претстави низ театрите во Македонија, меѓу кои „Болва во уво“, претстава што 18 сезони беше изведувана во Драмскиот театар со повеќе од 350 изведби.

Предавање на терен пред новата филмска камера на Академијата во Љубљана

Автор е и на две книги на снимање кои се публикувани: „Екселенции, мирно!“ и „Ангели на отпад“. Бил иницијатор за установување на Фестивалот на филмска камера во Битола, во повеќе наврати бил претседател на Друштвото на филмски работници на Македонија.

Османли работел до крајот на својот живот (март 2006 год.)

Подготвил: С.Ѓ.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема