X
 31.05.2020 Живот

Истражување покажува зошто луѓето ги споделуваат политичките ставови на интернет

Влегување во политичка дебата на социјалните мрежи може да биде проблематично. Погледнете ги коментарите на секоја политичка објава и веројатно ќе видите многу различни мислења. Овие коментари би можеле да кажуваат нешто за луѓето кои ги објавиле.

Едно ново истражување открива дека луѓето кои не се грижат за мислењето на останатите почесто влегуваат во политички дебати на социјалните мрежи. Овој став може да има влијание на она што тие го кажуваат на социјалните мрежи и да игра улога во содржината на социјалните мрежи.


Фото: Pixabay

Кога социјалните мрежи станаа популарни, многумина мислеа дека со нив ќе им се овозможи на повеќе луѓе да учествуваат во политичката дебата. Но, за многу луѓе, политиката е чувствителна тема и тие се грижат за нивната „публика“. На социјалните мрежи, публиката е невидлива освен кога реагира или коментира. Затоа, многумина се плашат да не бидат одбиени од останатите и се воздржуваат од објавување, коментирање и споделување доколку не се сигурни во објавата.

Во новото истражување, експертите ги анализирале карактерните особини на луѓето кои објавуваат политички содржини на социјалните мрежи и оние кои не го прават тоа. Една карактеристика која била откриена е стравот да се биде одбиен од останатите, односно стравот останатите да не го делат истото мислење.


Фото: Pixabay

Истражувањето било спроведено на 2.000 жители на Шведска. Анализата покажала дека индивидуалците кои се плашеле да бидат одбиени од останатите одбегнуваат да споделуваат политичка содржина на нивните профили. Според сознанијата, за многу луѓе, темите како политиката се за приватни разговори бидејќи на социјалните мрежи секогаш е поголем ризикот да не бидат добро разбрани или да бидат осудени.

Меѓутоа, некои луѓе едноставно не се грижат за тоа дали некој можеби ќе биде навреден од она што тие го кажале и јавно ги споделуваат ставовите. Како резултат на ова, содржината која се објавува на социјалните мрежи најчесто е создадена од оние кои не се плашат да бидат одбиени.

Извор: weforum.org 
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот