X
 20.08.2018 Култура

Градбата што поставува многу рекорди: фасцинантни факти за палатата на парламентот во Букурешт

Изградена во периодот на комунизмот во Романија, зградата на парламентот во Букурешт поставува важни светски рекорди.

По 1977 година кога Букурешт го погоди голем земјотрес, Николај Чаушеску, романскиот комунистички лидер, одлучил да ја преуреди архитектурата во Букурешт и да ја „хармонизира“ со тогашниот режим. Чаушеску се инспирирал од престолнината на Северна Кореја – Пјонгјанг. Изградбата на зградата на парламентот почнала во 1983 година, кога култот на личноста и натаму играл важна улога во пропагандата на секоја комунистичка земја. „Куќата на републиката“, како што првенствено била наречена оваа зграда, имала цел да ја покаже моќта на романскиот лидер, но тој не го дочека крајот на изградбата бидејќи беше погубен во револуцијата на народот. Зградата на романскиот парламент по многу нешта е уникатна градба што поставува многу рекорди. Ви претставуваме неколку од нив:

1. Втора најголема зграда на светот

По Пентагон, оваа зграда претставува втора најголема од овој тип во светот. Се простира на 360.000 квадратни метри и е сочинета од романскиот парламент, канцеларија на романскиот претседател, романскиот сенат, Музеј на современа уметност и Музеј на тоталитаризмот. Зградата е долга 240 метри, широка е 270 метри, висока 86 метри, а длабока е 92 метри. Интересен факт е што 30 проценти од зградата се неискористени.

2. Најтешката зграда на светот

Во својата конструкција зградата содржи 700.000 метрички тони челик и бронза, 1.000.000 кубни метри мермер, 3.500 метрички тони кристали. Исто така, за изградбата на зградата биле потрошени 900.000 кубни метри дрво.

3. Ентериерот е еднакво импресивен

Ентериерот на зградата на романскиот парламент исто така е импресивен. Во него има дури 200.000 квадратни метри тепих. Податоците покажуваат дека за изработката на тепихот, машините за ткаење морало да бидат донесени во зградата. Во внатрешноста на зградата има 480 кристални лустери. Прозорците се украсени со рачно ткаени завеси. Секоја завеса тежи неверојатни 250 килограми.

4. Огромни се жртвите на изградбата


За да ја изгради оваа масивна градба, Чаушеску го срушил поголемиот дел од старото градско јадро. Тоа значело уништување на 19 православни цркви, шест синагоги, три протестантски цркви и 30.000 дома. Во изградбата учествувале околу 70.000 луѓе, кои работеле во три смени. Нив ги сочинувале војници, но и обичен народ што работел под принуда. Се проценува дека 3.000 луѓе ги загубиле животите во текот на градењето. Зградата за која се потрошени 3 милијарди евра е завршена во 1989 година.

5. Подземен дел

Во подземниот дел од зградата се наоѓа мрежа од тунели кои се доволно долги и широки за во нив да се одржуваат трки со автомобили. Подземниот дел на романскиот парламент може да смести 20.000 автомобили.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура