Науката не мора секогаш да започне во лабораторија, ниту пак уметноста да остане затворена во галерија или арт-студио. Понекогаш, доволни се црн фломастер, малку вода и едно едноставно прашање за да започне вистинско истражување. Во себеси, во рефлексиите со учителот и уметникот, во она што нѐ опкружува, инспирира, заокружува.
Во рамките на Европската ноќ на истражувачите – „Избери наука! Градење на општеството преку наука и иновации“, која на 25 септември ќе се одржи и во Битола, меѓу соработниците на УКЛО е и Имагинарио – Центар за креативни уметности и образовни иновации. Со својата осмислена активност Центарот ќе ги поврзува науката, експериментирањето и уметноста во едно поинакво истражувачко искуство – во кое посетителите не се само набљудувачи, туку стануваат истражувачи и креатори.
Од едноставен експеримент со фломастери до откривање бои скриени во навидум црната површина. Имагинарио отвора прашања за тоа што навистина гледаме, што се крие зад она што ни изгледа едноставно. За тоа како една истражувачка работилница може да добие и своја визуелна, уметничка форма, едно поинакво возбудливо искуство, разговараме со Емил Стојанов од Имагинарио - Центарот за креативни уметности и образовни иновации од Битола.
УКЛО КОЛОРС: ИМАГИНАРИО – Центарот за креативни уметности и образовни иновации од Битола е меѓу соработниците на УКЛО што со своја активност се вклучуваат во Европската ноќ на истражувачите. Запознајте нè со ИМАГИНАРИО и со работилницата што ја подготвувате.
Емил Стојанов: ИМАГИНАРИО е непрофитна организација од Битола, насочена кон визуелните уметности, креативното образование, културното наследство и активното учество на децата и младите. Организацијата е програмски поврзана со Имагинариум Арт Студио и се надоврзува на неговото долгогодишно искуство во ликовната едукација и непосредната работа со деца и млади. Заедничкиот професионален тим развива работилници, јавни настани и проекти во соработка со училишта, музеи, културни установи и граѓански организации, создавајќи средини во кои младите истражуваат, експериментираат и учат преку сопствено творечко искуство. За Европската ноќ на истражувачите, ИМАГИНАРИО ја подготвува уметничко-научната работилница „Тајните бои на црното“. Преку експеримент со црни фломастери, вода и филтер- хартија, учесниците ќе откриваат дека зад една навидум единствена боја може да се крие цел спектар различни пигменти. Откако водата ќе ги раздвои боите содржани во црното мастило, добиените траги, нијанси и неочекувани форми ќе станат појдовна основа од која учесниците ќе создадат сопствени ликовни творби. Така, научното истражување природно ќе продолжи во креативен процес, а секое откритие ќе добие своја единствена визуелна форма.
УКЛО КОЛОРС: Според вас, дали преку еден едноставен експеримент може да се разбуди љубопитноста на младите кон науката?
Емил Стојанов: Токму едноставните експерименти често најсилно ја будат љубопитноста, бидејќи им овозможуваат на децата и младите веднаш да постават прашање, да направат претпоставка и самите да го набљудуваат резултатот. Во оваа работилница тие нема однапред да добијат готов одговор. Најпрво ќе претпостават што може да се крие во црното мастило, а потоа преку сопственото истражување ќе проверат дали нивната претпоставка била точна. Кога од црната дамка пред нивните очи ќе почнат да се појавуваат различни бои и нијанси, науката престанува да биде нешто далечно и апстрактно и станува лично доживување и вистинско откритие.
УКЛО КОЛОРС: Може ли науката да покаже дека една боја всушност е составена од повеќе други бои? Кои бои и нијанси може да ги содржи црното мастило?
Емил Стојанов: Црното мастило во фломастерите често е добиено со комбинирање повеќе различни пигменти. Нив не можеме да ги забележиме со голо око, бидејќи заедно ги восприемаме како единствена црна боја. Во зависност од составот на мастилото, при експериментот може да се појават сини, зелени, виолетови, црвеникави, кафеави или други нијанси. Резултатот нема секогаш да биде ист, бидејќи различните црни фломастери може да содржат различни комбинации на пигменти. Токму затоа споредувањето на резултатите го прави истражувањето уште поинтересно.
УКЛО КОЛОРС:Што ќе се случи кога една црна дамка ќе „тргне на патување“?
Емил Стојанов: Кога водата ќе стигне до црната дамка, таа ќе почне да се движи низ хартијата. Заедно со неа ќе „патуваат“ и пигментите од мастилото, но секој од нив ќе се движи на различен начин и со различна брзина. Така, од една мала црна трага постепено ќе се појавуваат неочекувани линии, премини, бои и нијанси. Тоа „патување“ ќе биде различно на секое парче хартија, па секој учесник ќе добие единствен резултат што потоа ќе го претвори во сопствена ликовна творба.
УКЛО КОЛОРС: Како една едноставна научна техника може да ни ја открие тајната скриена во мастилото на фломастерот?
Емил Стојанов: Научната техника што ќе ја примениме се нарекува хартиена хроматографија. Кога водата се движи низ филтер-хартијата, таа со себе ги повлекува пигментите од мастилото. Бидејќи различните пигменти не се раствораат и не се движат со иста брзина, тие постепено се раздвојуваат и стануваат видливи. На тој начин, без сложена лабораториска опрема, можеме да откриеме нешто што претходно било скриено од нашето око. Едноставниот експеримент покажува дека внимателното набљудување може да ни открие многу повеќе од она што го гледаме на прв поглед.
УКЛО КОЛОРС: Колку различни бои ќе успеат посетителите да „извлечат“ од црното мастило?
Емил Стојанов: Тоа е токму прашањето на кое посетителите ќе треба самите да го откријат одговорот. Бројот и видот на боите ќе зависат од составот на секој фломастер. Кај некои примероци може да се појават две или три поизразени нијанси, а кај други цела низа премини меѓу повеќе бои. Нема однапред да определиме кој резултат е „точен“. Поважно е учесниците да ги споредуваат трагите, да ги забележуваат разликите и да размислуваат зошто различните фломастери даваат различни резултати. Токму во тие разлики се наоѓа најинтересниот дел од истражувањето.
УКЛО КОЛОРС: Што се случува кога љубопитноста, науката и уметноста ќе се сретнат? Дали токму поврзувањето на науката и уметноста може да ги направи поразбирливи и подостапни за младите и за пошироката публика?
Емил Стојанов: Кога љубопитноста, науката и уметноста ќе се сретнат, истражувањето добива видлива, лична и креативна форма. Науката ни помага да разбереме зошто нешто се случува, а уметноста ни овозможува откритието да го доживееме, да го интерпретираме и да му дадеме ново значење. Ваквите активности им покажуваат на младите дека науката не е само збир од информации што треба да се научат, а уметноста не е само создавање убави слики. И двете започнуваат со љубопитност, внимателно набљудување, поставување прашања и храброст да се испроба нешто ново.
Со изнесувањето на ваквото искуство надвор од вообичаената лабораторија или арт-студио, посетителите стануваат активни учесници, истражувачи и креатори. Токму тоа е и пораката на „Тајните бои на црното“: понекогаш зад она што ни изгледа едноставно и еднобојно се крие цел свет што чека да биде откриен.
На прв поглед, црната боја изгледа едноставно и единствено. Но, кога ќе ѝ дадеме можност да „тргне на патување“, пред нас може да се појават цел спектар бои и нијанси што дотогаш биле скриени од нашето око.
Токму во тоа се крие и пораката на Имагинарио – науката не е само знаење што треба да го научиме, туку процес во кој треба да поставуваме прашања, да набљудуваме, да експериментираме и сами да дојдеме до откритието. А кога на тоа ќе му се додаде уметничката имагинација, едно научно искуство може да добие сосема нова форма.
На Европската ноќ на истражувачите, Имагинарио покажува дека границата меѓу науката и уметноста можеби е многу помала отколку што изгледа – а понекогаш, за да ја преминеме, доволна е само љубопитноста. Тогаш, нема граници, само истражување во универзумот на човекот, светот и животот.
На 25 септември 2026 г. науката ќе биде поблиску до сите – и во Битола, заедно со Скопје и Штип, преку УКЛО, заедно со УКИМ, УГД, МАНУ, НЦДИЕЛ и МЕД. Во оваа заедничка научноистражувачка приказна, УКЛО се радува на колабораторите како што е Центарот за креативни уметности и образовни иновации Имагинарио – искусни и инвентивни соработници што премостуваат дисциплини.