Полицијата во Естонија почна оригинална кампања со цел да ја пробуди свеста кај возачите што сакаат премногу да го притискаат педалот за гас.
Властите понудиле избор - парична казна или прекин на возењето додека не се смират страстите. Според новата кампања, ако возачот се одлучи за пауза, мора да седи во возилото одредено
време.
За надмината брзина до 21 километар на час, возачите мора да го прекинат возењето на 45 минути, за надминување од 21 до 40 километри, треба да паузираат еден час.
- Разговаравме со голем број возачи и така дојдовме до идејата за тајмаут. Велат дека паричните казни денес веќе немаат влијание. Возачите ги доживуваат како обични сметки - плаќаат и забораваат на нив. Од друга страна, навистина се нервираат ако мора да минат еден час во полициски автомобил - вели Елари Касеметс, советник во полицијата.
Од полицијата истакнуваат дека можноста за замена на паричната казна со прекин на возењето се применува само кај оние што ќе бидат фатени првпат.
- Речиси сите возачи што минале време тука навистина се смируваат. Дури и возат малку под ограничената брзина, така што мислам дека ова решение се покажа како исправно - додава Касеметс.
Меѓутоа, ова не е единственото креативно решение на естонската сообраќајна полиција. Од пред една година полицајците со паричната казна на прекршителите им делат и донорски картички за да ги освестат возачите за ризиците поврзани со пребрзото возење.