Група истражувачи создадоа мозочни клетки во лабораторија, а потоа ги научија да ја играат видеоиграта „Понг“. Тие велат дека „мини-мозокот“ може да реагира на околината.
Доктор Брет Кеган од компанијата „Кортикал лабс“ тврди дека тој и неговите колеги го создале првиот „чувствителен“ мозок во лабораторија. Други експерти велат дека иако станува збор за возбудлив проект, мозочните клетки не се чувствителни.
- Не можевме да најдеме подобар израз за да го опишеме уредот. Тој може да зема информации од надворешен извор, да ги процесира и потоа да реагира на нив во реално време - изјавил Кеган.
Слични мини-мозоци биле создадени и порано, но ова е првпат тие да реагираат со надворешната околина, што во овој случај е видеоигра. Истражувачите ги создале клетките користејќи матични клетки и клетки од ембриони на глувци. Тие ги поврзале овие клетки со видеоигра преку електроди.
Клетките самостојно произвеле електрична активност и научиле како да ја играат играта за само 5 минути. Биле создадени 800.000 мозочни клетки.
Кеган се надева дека технологијата ќе помогне во тестирање третмани за невродегенеративни болести, како Алцхајмерова болест.
Извор:
BBC
Насловна фотографија:
Cortical Labs