X
 13.08.2020 Наука

Детален поглед на еволуцијата на лавовите може да ги спаси од изумирање

Првпат научниците ги секвенцирале геномите на 20 единки на лавови, вклучувајќи ги и изумрените пештерски лавови, и го откриле нивното семејно стебло. Истражувајќи го потеклото, научниците веруваат дека дошле до решение како да ги спасат големите мачки од изумирање.

Пред 3.000 години различни видови лавови шетале на планетата Земја, ловејќи плен на четири континенти. Еден од нив, пештерскиот лав, се движел од Шпанија до Евроазија сè до денешна Алјаска и Јукон, и често бил прикажуван во праисториската пештерска уметност.

Во меѓувреме, американскиот лав, кој бил поголем од африканските лавови и тигри, живеел во Северна Америка и веројатно во делови од Јужна Америка. Останатите лавови со различна големина и изглед ги населувале Африка, Блискиот Исток и Индија. Повеќето од овие животни исчезнале, но научниците успеале да соберат генски траги што даваат нови податоци и нудат подобар увид во проучувањето на нивните современи роднини кои сега се соочуваат со изумирање.

Во текот на последните 150 години глобалната популација на африканските лавови се намали за повеќе од 20 пати, на помалку од 25.000, главно поради ловокрадство и загуба на живеалиштата. Околу 600 азиски лавови останале во Индија. За да ги спасат останатите лавови и подобро да разберат како се поврзани различните видови, научници создале целосни геноми од 20 индивидуални лавови, од кои 14 починале одамна. Меѓу тие 14 се наоѓаат и два пештерски лавови стари 30.000 години, сочувани во вечниот мраз на Сибир и Јукон. Во истражувањето објавено на 4 мај во „Зборник на трудови на Националната академија на науките“, истражувачите откриле дека пештерските лавови не се мешале со други видови лавови, и тие се разделиле од своите предци пред околу 70.000 години, а откриле и други тајни на еволуцијата на големите мачки.

lav
Фото: Pixabay

- Трудот дава увид во минатото за да ја информира иднината. Ако ги гледаме само денешните лавови, не би ја виделе целосната приказна - вели коавторот Рос Барнет, генетичар на Универзитетот во Копенхаген.

Резултатите од истражувањето ја поддржуваат идејата дека лавовите дошле од Африка преку миграции, нешто слично како луѓето. Пештерските лавови биле првите што ја напуштиле Африка и се одделиле од африканската раса пред околу 500.000 години, покажуваат документите. Потоа овие лавови еволуирале и развиле малку различни карактеристики. На пример, врз основа на добрата пештерска уметност во Европа знаеме дека мажјаците немале грива, вели Барнет.

Тие се прошириле низ Евроазија и во Северна Америка. Но, изненадувачки е што пештерските лавови и предците на денешните африкански лавови не биле испреплетени, открива генската анализа. Ова е чудно затоа што е познато дека повеќето големи мачки повремено се парат кога им се дава можност - дури и различни животни како лавови и тигри, вели коавторот на истражувањето Марк де Мануел од Институтот за еволутивна биологија во Барселона. Се чини дека во тоа време имало нешто што ги спречило да се мешаат - не само географската оддалеченост, затоа што нивните живеалишта се преклопувале во Југозападна Азија одреден период.

Барнет вели дека причината може да биде тоа што пештерските лавови немале грива, бидејќи лавиците ја препознавале гривата како важен сигнал за плодност.

lav
Фото: Pixabay

Изумрени мачки


Како дел од истражувањето, истражувачите собрале и геноми од единки од три други изумрени лози: од берберските лавови од Северна Африка, азиските лавови и лавовите од Јужна Африка. Овие три вида се разликуваат по изглед, но новите генски информации укажуваат дека тие не се квалификуваат како различни видови.

Нивната работа во голема мера го поддржува сегашниот доминантен став дека постојат два главни подвида лавови: азиски лавови и африкански лавови. По деталното истражување, како решение за зачувување на видовите научниците предложија повторно воведување на лавовите во Западна Африка, каде што се загрозени: останати се само 400.

Извор: National Geographic
Фото: Pixabay
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука