X
 06.02.2017 Издвојуваме

Ги избравме најинспиративните асистенти од македонските факултети


 
Речиси триста предлози и повеќе од илјада одговори добивме на нашата онлајн анкета за тоа кои се најинспиративните асистенти на државните универзитети. Некои асистенти од нашите факултети дури имаат и повеќе обврски од професорите, а богами и поминуваат повеќе време со своите студенти. Тие секојдневно учат како да станат професори. Ова е листата со асистенти кои добија најмногу гласови од студентите, кои ја имаат нивната почит и им се секојдневна инспирација.

Марко Кртолица од Правниот факултет „Јустинијан Први“ е омилен асистент меѓу студентите од овој факултет, а еве и зошто:
“Затоа што е најдобар и кога ми предаваше на додипломски неговите часови беа едноставно уживање. Пристапот му беше посебен, а начинот на предавање оригинален и уникатен“.
“ Нема надмен и горделив пристап кон студентите, туку напротив знае многу да ислуша и има трпение со студентите. Ги поттикнува со домашни задачи и секогаш е достапен за нив. Тој е вистински педагог“.
“По завршување на една дебата на предавањето на сите учесници ни даде посебен личен коментар, тие две реченици нема да ги заборавам никогаш. Прв предавач на факултетот кој ни посочи дека сме способни за нешто уште во прва година. За неговите предавање во комбинација со професор Силјановска би требало да сме благодарни што сме дел од овој факултет и нивниот свет, и да неговото омилено: И 6-ка ти носи диплома, сфати ја суштината не бркај оценки.

Асистентот Томче Делев од Факултетот за информатика и компјутерски науки (ФИНКИ) е вистински пример за своите студенти, првенствено заради својата работа од областа на програмирањето. Многумина напишаа дека токму тој им е голема инспирација. Еве зошто Делев е избран за најинспиративен асистент:
„Одлично ги познава и владее програмските jазици и има фасцинантни компjутерски вештини“.
„Томче Делев е единствениот асистент на ФИНКИ којшто ја разбира потребата на студентот да му се објасни како се програмира една задача/проблем. Дека тоа не е само покажување на решен пример на слајдови. Секоја задача предвидена за решавање Делев ја решава отпочеток за сите свои групи и ги објаснува сите детали кои што му се потребни на еден програмер за да биде успешен во своето работење“.
„Делев е автор и креатор на голем број на познати апликации кои се користат како секојдневно (како на пр. апликацијата за возниот ред на ЈСП за Андроид). На секое свое предавање (вежба) знае да сподели примери од секојдневнието, прашања кои студентите ги добивале на интервјуа за вработувања во најпрестижните ИТ фирми во светот“.
“Не за џабе, Томче Делев е наречен на ФИНКИ кралот на програмирањето“. „Студентите за него сметаат дека има познавања поголеми и од професорите кои што се доктори на науки“.
“Еден од ретките асистенти што самите ги решаваат задачите и пробуваат да ни го објасни секој чекор. Ги учи новите технологии и секогаш ни ги објаснува истите. На испит бара истиот вид на задачи како што сме решавале на вежби“.

Асистентката Гордана Апостолова од Стоматолошкиот факултет од Скопје, студентите ја избраа за најинспиративна бидејќи им е посветена максимално. Токму заради неа, многу студенти сакаат да станат орални хирурзи. „ Изгубив страв од пациенти со неа, живее за да ги научи студентите хирургија“.
„Затоа што успева да ги мотивира и научи студентите да бидат не само добри доктори туку и луѓе и тоа баш во ова време кога имаме впечаток дека ништо не функционира како што треба. И нека не ве чуди ако слушате дека сите студенти сакаат да станат орални хирурзи. Тоа е токму поради неа и нејзината посветеност во работата“.
„Секогаш е достапна за студентите, има желба несебично да нè научи на сè и да ни укаже на грешките. Оние студенти на кои што им била асистентка имаат многу среќа и се полни ново знаење и искуство .

Михајло Петровски, од Факултетот за медицински науки од универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип е секогаш тука за студентите, а велат дека неговите вежби се едни од најинтересните на овој факултет.
„ Нема студент кој не посакува да оди на неговите вежби, еднаква доза на учење и на неврзани муабети, нема некој кој не може да научи, во секое време подготвен е да одговори на сите наши прашања и потреби“.
“ Асистетнт кој не научи најмногу, кој не го крие своето знаење, нема студент кој не би посакал да појде на неговите вежби, строг но праведен. Не учи на стоматологија во целост, а не само на неговиот предмет“.
“ Да се има ваков асистент додека студираш е најголемото богатство, со него имаме научено сè што знаеме за стоматологијата и сме многу благодарни за тоа“.
„ Ако треба да напишам кој е најинспиративниот наш асистент со сето срце ќе го напишам неговото име. Навидум строг, но и полн со знаење. Асистент со најголемо срце и душа од сите. Посакувам сите да имаат можност да го имаат барем на ден во текот на нивното школување“.

За асистентката Милица Јованоска од Градежниот факултет од Скопје, студентите велат дека не ги пушта од кабинет додека не им објасни сè што не им е јасно. Еве зошто ја избраа за нивна инспирација:
„ За упорноста и времето што го вложува за ние, студентите да ги совладаме задачите, за трпеливоста и безброј повторувања. Таа е една од ретките која вели не постои глупаво прашање дури се обидувате да го совладате материјалот. И најважно што секогаш се навраќа кога била таа студент и се поставува на наше место, ги согледува проблемите од наша перспектива, само таа го прави тоа“.
„ Енергијата која ја вложува во објаснувањето на вежбите ја одвојува од толпата на преостанатите асистенти. Достапна во секое време за консултации. Пријателски расположена кон сите студенти“.

Студентите од Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) за најинспиративен асистент го избраа Горјан Наџински.
„Најубави часови со иновативни и интересни задачи, прекрасно објаснува и секогаш е тука за студентите“.
„ Секогаш се труди на едноставен и разбирлив начин да ни ја предаде материјата, често знае да ни зададе задачи кои ни ја потикнуваат креативноста, секогаш е спремен да помогне и покрај многубројните обврски“.
“ Најубави часови со иновативни и интересни задачи, прекрасно објаснува и секогаш е тука за студентите“.
„ Поради желбата да го сподели своето знаење со студентите, посветеноста и трудот вложени во спроведување на таа идеа и незапирливиот интерес за себе надоградување со нови информации“.

За асистентот Синиша Стојаноски од Медицинскиот факултет од Скопје, студенти напишаа дека е човек со големо знаење и трпеливост и користи наставни методи кои се својствени само за него.
„ Помага со знаење беспрекорно во секој дел од денот, дали тоа биле вежби или преку социјалните мрежи. Трпелив и сочувствува со студентската мака. Нема подобар“.
„ Асистент по патофизиологија. Човек со огромно знаење, кој успева на интересен и специфичен начин да го долови тоа што е најважно. Трпеливоста му е на високо ниво и успева да ги заинтересира сите студенти за било која тема“.
“ Секогаш има интересен начин на објаснување на вежбите, безброј примери, смирен глас кој е невозможно да не го слушате. Вежбите ги објаснува барајќи студентите да користат логика и ги поврзуваат претходните и идните предмети“.
„ Стојаноски никогаш нема да Ви го каже одговорот на Вашето прашање, туку ќе го извлече од Вас после долго размислување. Токму така се учи медицина“. “ Секогаш принципиелен, коректен, одличен однос со студенти, премногу стручен и одличен начин на пренесување на знаењето“.

Анета Наумоска од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ од Скопје е најинспиративна асистентка за студентите од овој факултет. Ова се нивните изјави:
“ Современа, посветена и секогаш е во тек со работите што се случуваат во светот“.
“ Секогаш е достапна за студентите, полна со знаење и прекрасна личност“.
“ Максимално посветена на работата и се труди да ги прошири видиците на студентите“.

Студентите од Високата медицинска школа од Битола за најинспиративен асистент го избраа Денис Арсовски. Велат дека никогаш не го штеди своето знаење и е достапен во секое време за да им помогне.
„Само како податок би го напоменала тоа што е најдобар студент на генерацијата во високата школа. Заслужено е најдобар асистент“.
„ Еден од ретките што навистина заслужува да биде асистент. Во исто време и прав другар кој секогаш помага кога треба и се има потреба. Човек полн со знаење и ентузијазам кој се стреми и цели кон врвот. Комплетно заслужен глас“.
„ Ми излезе во пресрет со материјалите за учење и ми помогна да разберам одредени тешкотии во учењето“.

За Александар Ефтимов, асистент на Фармацевтскиот факултет од Скопје, студенти ни објаснија дека е еден од ретките кој има разбирање за студентите и е целосно посветен на наставата.
„Успева на едноставен начин да ги објасни и најсложените вежби“.
„Неговото знаење едноставно не инспирира да учиме. Секогаш спремен да ни помогне, да ни објасни и тоа во секое време“.
“Секогаш достапен за студентите и помош во секое време, широко објаснување и широко познавање во областа на фармацијата“.
„ Посветеност, темелност, смиреност, пристапност и друштвеност, не се одлики на секој. Вистински научник“.

За најинспиративен асистент, студентите од Природно математичкиот факултет во Скопје го избраа Горан Китевски од Институтот по географија. За него велат дека е голем научник кој несебично го споделува знаењето со нив.
„ Едноставно треба да се присуствува на предавањата. Човекот е гениј кој теоретските работи ги поврзува со практиката, а во исто време сте задоволни и навредени, од него, но и од самиот себе си, зашто капирате некои работи што не ви паднале на ум“.
„Затоа што е многу начитана личност и многу добро знае како да го задржи вниманието на студентите. Има што да се научи од него и гласи како добар пример.
„Затоа што има големо познавање од Социоекономска географија од областа Геополитика, држи отворени предавање и трибини од наведената Геополитика. Затоа што неговите предавања се интересни, пропратени понекогаш со хумор, и сите студенти го сакаат и почитуваат“.
„ Достапен за студентите во секое време, спреме за одговор на секое прашање, пробува да ги натера студентите да размислуваат надвор од поставените граници (think outside of the box)“.
„ Човек кој ќе ве натера светот да го гледате од поинаква перспектива од онаа на која сте навикнати и ве учеле порано“.

Асистентот Спире Лазароски од Економскиот факултет од Прилеп е еден од омилените асистенти од овој факултет.
„ Секогаш е тука за студентите и секогаш ги поттикнува да размислуваат, да водат дебати, да излегуваат на таблата и самите да цртаат графикони. Има огромно познавање од многу области, но и знае истите да ги пренесе на толку едноставен начин, при што секогаш ни поставува прашања од типот: „Ако е така - зошто е така, ако не - зошто не?“ Благодарна сум што имам асистент како него, бидејќи на неговите предавања се чувстувате како вашиот глас да е навистина важен“.
„ Пристапот на предавање и знаењето што го има. За разлика од повеќето долгогодишни професори, тој ќе ни го долови знаењето преку практични примери и пристап на комуникација со која едноставно не можеш да не го следиш. Постојано е интересно, забавно и не е досадно кога тој ќе предава. Тој е единствениот на кој ми доаѓало да му ракоплескам на секое негово предавање“.

Студентите од Економскиот факултет на УКИМ, за најинспиративен асистент ја избраа Сања Митровска. Еве зошто:
„ Начинот на кој што му пристапува на материјалот при предавање, при што им овозможува на студентите полесно да го разберат материјалот“.
„ Затоа што секогаш излегува во пресрет на студентите, внимава како се однесува со сите, многу е интелигентна, љубезна. Изгледа како комплетна личност која се труди да успее на секое поле“.

Асистентот Филип Сулејманов доби најмногу гласови од студентите од Филозофскиот факултет од Скопје.
„Убаво го предава материјалот, убаво ги разјаснува работите кои ги немаме совладано, се ангажира да излезе во пресрет кога е потребно“. „Вежбите со него се поинтересни од предавањата со професорите“.
Подготвил: М.Ф.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Издвојуваме